Македонија
2. November 2026 - 12:21

Сертификат за вештини стекнати без формално образование

Невработените лица од Источниот Регион ќе можат да ги потврдат своите знаења и работни вештини стекнати преку неформално образование или долгогодишно работно искуство и да добијат официјален сертификат. Мерката 3.5 – Валидација на стручни квалификации, годинава се спроведува како пилот-проект, а заинтересираните можат да аплицираат до 20 ноември во Центарот за вработување.

- Валидацијата е многу добра мерка, бидејќи сите оние кои досега неформално работеле во одредени бизниси, во сопствени или домашни услови, сега ќе можат да ги формализираат своите знаења и вештини со сертификат, кој понатаму ќе им користи при идното вработување, изјави Лазо Димчов, директор на Центар за вработување – Штип.

Во процесот е вклучено и СУ„Коле Нехтенин“ од Штип, кое е еден од осумте регионални центри за валидација во државата и ги опфаќа невработените од 11 општини. 

- Ги повикуваме сите невработени лица кои сакаат да го валидираат своето знаење, стекнато на формален или неформален начин, да дојдат во училиштето и да ја донесат потребната документација. Врз основа на она што го научиле и работното искуство што го имаат, ќе им издадеме сертификат. Тој понатаму ќе им овозможи да се вработат, да добијат повисока плата и да искористат многу други можности, изјави Јованка Шалева, директорка на СУ „Коле Нехтенин“- Штип.

Валидацијата не е ограничена само на лицата кои работеле во професијата за која имаат формално образование. Така, некој што завршил за машински механичар, но со години работи како готвач, може да го потврди своето практично знаење и да добие сертификат за готвач. 

- Ние имаме сопствени механизми за проверка, а процесот ќе биде брз и ќе трае кратко, со цел да биде што е можно пофлексибилен и попрактичен за невработените лица, додаде Шалева

Основен услов за учество е кандидатите да имаат најмалку основно образование и да бидат пријавени како невработени во Агенцијата за вработување. Постапката во рамките на пилот-мерката е бесплатна.