Македонија увезува лубеници иако ги има и за извоз, речиси 9 од 10 килограми доаѓаат од Албанија

Производството на бостан (дињи и лубеници) во земјава во последните десетина години се движи на околу 130 илјади тони. Со бостан лани биле засадени 4 999 хектари површина со вкупно производство од 132 323 тони, или во просек по 26 566 килограми по хектар.
Анализата на МИА на податоците на Државниот завод за статистика, покажува дека иако домашното производство на бостан останува стабилно и Македонија во последните пет години има повеќекратно поголем извоз од увоз на лубеници, трговскиот суфицит забрзано се намалува поради силниот раст на увозот. Односот меѓу извозот и увозот се намалил од 6,4:1 во 2022 година на околу 1,3:1 годинава, што укажува на постепено слабеење на извозната позиција на земјата.
Чешка останува најголем извозен пазар со 36 проценти учество во вкупниот извоз, додека Албанија стана убедливо најголем снабдувач на домашниот пазар, обезбедувајќи речиси 89 проценти од увезените количини.
Анализата на податоците од Државниот завод за статистика покажува дека традиционалните регионални пазари како Србија и Косово го губат значењето, додека расте улогата на пазарите од Централна и Источна Европа, особено балтичките земји. Норвешка и Германија остануваат најпрофитабилни пазари, со највисоки просечни извозни цени по килограм.
Извозот во последните неколку години варира, додека увозот бележи континуиран раст. Извозот е силно сезонски концентриран во јуни, јули и август, при што јули обично е најсилниот месец, додека увозот иако се врши во текот на сите месеци, во обем е најголем во летните месеци.
Најголем извоз имаме во 2022 година кога биле извезени 11 378 илјади тони, додека следната 2023 имаме најнизок извоз од 5 809 илјади тони. Во 2024 година повторно извозот се зголемува и изнесува 10 181 илјади тони, додека лани биле извезени 7 408 илјади тони лубеница.
Во првите седум месеци годинава биле извезени 4 381 илјада тони лубеница, додека увезени се 5 924 илјади тони, што е реркод во апсолутни бројки во однос на последните неколку години.
Во 2022 година сме увезле 1 589 илјади тони лубеница, следната 2023 година 2 178 илјади тони, за во 2024 да го дуплираме на 2 850 илјади тони, додека лани е веќе тројно зголемен увозот на лубеници и достигнува 4 757 илјади тони.
Ако се анализира по држави извозот на лубеници во периодот 2022-2026 година е силно концентриран на пазарите на Централна и Источна Европа. Најзначајна дестинација во целиот период е Чешка, која континуирано е прв извозен пазар според количина и вредност, каде во просек се извезуваат 2,4 милиони килограми. Украина, Литванија, Србија и Полска исто така имаат значајно учество, но со поголеми годишни осцилации.
Во извозот на лубеница во првите седум месеци годинава Чешка учествува со околу 36%, потоа следува Украина со 15% и Полска и Литванија со по околу 8%.
Во последните години се забележува постепено намалување на значењето на традиционалните регионални пазари како Србија и Косово, додека расте важноста на пазарите од Централна и Источна Европа. Особено се издвојуваат Украина, Полска и балтичките земји како пазари со значаен потенцијал за натамошен раст.
Во Србија во 2024 година биле извезени 1 129 илјади тони лубеница, за во 2025 извозот да се намали на 658 илјади, додека во првите седум месеци годинава се извезени само 226 илјади тони лубеница.
Бугарија е најбрзорастечкиот регионален пазар во 2024 и 2025 година, со рекордни 1,5 милиони кг во 2025, додека Босна и Херцеговина е најстабилен регионален пазар, со количини меѓу 400 и 770 илјади кг во целиот период.
Од аспект на додадената вредност, Германија, Норвешка и Финска остваруваат највисоки просечни извозни цени, што укажува на можност за поголем приход преку поголема ориентација кон овие пазари. Генерално, структурата на извозот покажува диверзификација и постепено позиционирање кон пазари со повисока куповна моќ и растечка побарувачка.
Чешка е прва и по вредност, како пазар вреден 466,5 илјади евра во првите седум месеци, потоа следува Украина со 273,6 илјади евра, додека трета е Норвешка со 191,7 илјади евра, иако е седма по количина, што значи дека таму се постигнува значително повисока цена по килограм од околу 0,85 евра.
По Норвешка, втора највисока просечна извозна цена, во првите сеудм месеци годинава има Германија – 0,55 евра за килограм, потоа Украина – 0,32 евра по килограм, додека Чешка е четврта со 0,22 евра по килограм.
Пазари кои купуваат најмногу, но по пониска цена се Чешка (0,21-0,30 €/кг), Србија (0,15-0,29 €/кг), Бугарија (0,12-0,31 €/кг) и Босна и Херцеговина (0,18-0,25 €/кг), додека пазари со повисока заработка се Норвешка (0,39-0,85 €/кг), Финска (0,77-0,87 €/кг) и Германија (0,45-0,62 €/кг). Украина, Литванија и Полска се пазари кои пазари комбинираат релативно големи количини со цена од околу 0,25-0,35 €/кг.
Македонија останува нето извозник на лубеници, но трговскиот суфицит значително се намалува со години. Увозот бележи силен раст и се зголемува од 1,6 милиони килограми во 2022 година на над 4,3 милиони килограми во првите седум месеци од 2026 година. Албанија станува убедливо најважен снабдувач, со учество од околу 89% во вкупниот увоз. Намалувањето на односот извоз/увоз од 6,4:1 во 2022 година на околу 1,3:1 во 2026 година укажува на постепено слабеење на нето извозната позиција на земјата во трговијата со лубеници.
Најмногу лубеници увезуваме од Албанија, која има удел од 78% во вкупниот увоз на лубеници во последните пет години, потоа следува Грција со 16,3% и Турција со 3,1%.
Во последните пет години Албанија стана доминантен снабдувач на македонскиот пазар со лубеници. Нејзиниот удел пораснал од околу 50% во 2022 година на речиси 89% во 2025 и 2026 година, што значи дека денес речиси 9 од секои 10 килограми увезени лубеници доаѓаат од Албанија.
Грција останува втор најважен снабдувач, но со значително помало учество, додека Турција постепено го губи значењето и во 2026 нема регистриран увоз.
МИА
Ново на Сител
-

Насилство врз жените: Сериозни системски бариери до заштита и правда
-

Преглед на вестите од светот
-

Муцунски: Владата е фокусирана на постепената интеграција паралелно со реформите за рамноправно членство во Унијата
-

Тема на денот со Тимчо Муцунски, министер за надворешни работи
-

Шестмина уапсени под сомнение за тероризам
-

ЕУ подготвува акциски планови за членство за најперспективните кандидати
-

Силјановска: Европскиот процес го губи кредибилитетот
-

Дизелот поевтинува за 4 и пол денари откако Владата ја продолжи одлуката за намалено ДДВ
