Бизнис
11. July 2026 - 16:24

Маркетите кои ги зголемиле профитните маржи - ќе бидат предупредени да ги намалат

Маркетите кои неосновано ги зголемиле профитните маржи, ќе бидат предупредени и повикани да ги намалат. Средбата со нив нема да биде во Владата, туку во министерството за економија следната недела. Таму ќе се бараат причините зошто и покрај намалените набавни цени на одредени производи, продажните останале исти. Премиерот Мицксоски вели дека анализата на пазарната инспекција е готова, каде е нотирано дека некои трговци ги зголемиле бруто профитните маржи од 2 до 5 отсто. 

„Христијан Мицкоски Напрваена е анализата на 600, 700 производи. Очекувам во најкраток период оние кои ги зголемиле маржите од 2 до 5%, овде зборувам ако маржата била 10%  сега се зголемени на 12 или 15 отсто и тие ќе бидат предупредени.“, изјави Христијан Мицкоски, премиер

Премиерот сепак е задоволен од бројките за инфлацијата, која вели дека е најниска во регионот. Храната за една година поскапела за 2,5 отсто, што според него, е показател дека владините политики даваат резултати. Опозицијата со спротивен став. Лидерот на СДСМ, Филипче, вели дека празните фрижидери на граѓаните се најдобриот демант за приказните на премиерот дека сме трета економија во Европа. Животниот стандард уште повеќе ќе опаѓа во месеците кои ќе следат.

„Следуваат тешки есенски месеци, во кои не се знае колкава ќе биде цената на струјата, што ќе покрене дополнителен бран на поскапувања. Има пад на странските инвестиции, пад на индустриското производство, стагнација на платите – на просечната, на минималната плата, стагнација на платите во здравството, во образованието, стагнација на примањата во социјалните трансфери.", рече Венко Филипче, претседател на СДСМ

Инаку, од министерството за економија најавија дека доколку трговците не ги намалат бруто профитните маржи, ќе воведат мерки. Во игра се намалување на ДДВ-то кај храната, како и ограничување на маржи.