Македонија
30. April 2026 - 12:20

Маржите за ѓубривата замрзнати, цените растат

Порастот на цените на вештачките ѓубрива повторно го става земјоделството под притисок. Во изминатиот период, земјоделците се соочуваат со значително зголемени трошоци за производство, што директно влијае врз нивната рентабилност и конечната цена на земјоделските производи. Според достапните податоци, цените на одредени видови минерални ѓубрива бележат раст од десетици проценти во споредба со претходните сезони, најмногу поради зголемените трошоци за енергенси и глобалните нарушувања на пазарот. Со цел да го ублажи ценовниот удар, Владата донесе мерка за ограничување на трговските маржи, односно нивна стагнација до 30 мај оваа година. 

- Мерката е донесена да трае до 30-ти мај, меѓутоа ние сметаме дека и понатаму продолжи да рсте цената на ѓубрето, тој рок да се продолжи. Станува збор за намалување на маржата на 10 % за губривата и намалување на ДДВ, изјави Гоце Серафимовски, претседател на Асоцијацијата на земјоделци.

Од ресорното министерство велат дека мерката е привремена, но неопходна за да се стабилизира пазарот во клучен период за земјоделците. Меѓутоа, земјоделците бараат и нејзино проширување.

- Моментално е донесена одлука на Влада само за ѓубривата, но ние барамае таа да продолжи во континуитет и да ги опфати и хемиските препарати и семенскиот материјал, додаде Серафимовски

Ваквите мерки можат краткорочно да го амортизираат ударот, но клучно ќе биде како ќе се движат цените на светските пазари. До тогаш, останува неизвесноста дали мерката ќе биде доволна за да ги заштити домашните производители и да спречи нов бран поскапувања на храната.