Македонија
5. August 2025 - 16:34

Матурантите постигнаа подобар успех од лани

Матурантите годинава покажаа подобри резултати на државната матура. Просечната оценка од екстерните испити изнесува 3,69, што е значителен пораст во однос на минатогодишниот просек од 3,26. Подобрување има по сите предмети.

„Сметам дека, генерално, беа добро подготвени учениците, преку наставниците работевме со нив, тие сериозно пристапија кон процесот и со повторување на веќе совладаната материја успеаја да постигнат добри резултати, всушност подобри од минатата година, за што сме многу среќни“ – изјави Весна Јаневска, министерка за образование.

Од 15.004 пријавени матуранти, помалку од 3% не се појавиле на испитите и ќе може да полагаат во августовската испитна сесија, идната недела. 

Поднесени биле 507 приговори, а по нивно разгледување, само кај 0,70% од учениците резултатот бил коригиран.

Оваа година имало 172 случаи на обиди за препишување. Тестовите им се поништени.

„35 кандидати се отстранети на самиот ден на испитот. Кај нив дали е пронајден телефон или се обиделе да препишуваат и притоа било констатирано од набљудувач-тестатор, им е прекинат тестот и истите се отстранети. Додека, пак, 137 ученици успеале некако да се снајдат меѓутоа оценувачите се тие кои читаат внимателно, гледаат и на тој начин успеваат да откријат кои ученици препишувале, па затоа им се поништени тестовите, или пак, не ги следеле упатствата, бидејќи има ученици кои и покрај тоа што не треба да си го напишат името, сепак, сепак си напишале име и презиме и кај тие ученици веќе од старт се поништува тестот“ - изјави Даниела Јовчевска-Михајловска, директорка на ДИЦ.

Повисоките оценки не се должат на полесни прашања, велат и министерката и директорката на државниот испитен центар.

„Испитната програма, освен по англиски јазик што рековме има новини, сите останати испитни програми се исти како и изминатите години. Така што, прашањата се работени согласно тие испитни програми и нема полесни и потешки прашања, меѓутоа има поподготвени ученици“ - додаде Даниела Јовчевска-Михајловска, директорка на ДИЦ.

„Напротив, тендецијата беше да се подецидни, подобро срочени, а по можност и малку потешки и така ќе биде секоја година во иднина. Еве, од сега да знаат“ – изјави Весна Јаневска, министерка за образование.

Матурантите кои не положија матура имаат можност да полагаат мајчин јазик на 12 август, а странски јазик, математика, естетика и филозофија на 14 август. Полагањето на интерните испити е од 15 до 20-ти, а проектната задача треба да ја одбранат во периодот од 19 до 26 август.