Меџити не исклучува Села да влезе во Владата, тој пак, тврди дека останува опозиционер
Нови преминувања во албанскиот блок од опозиција во власт, најавува Изет Меџити по локалните избори. Лидерот во Вреди вели дека постои голема разочарност во спротивниот табор на Националната алијанса за интеграција и очекува блокот на ДУИ да се распадне откако влезот на Таравари не ги дал потребните резултати. Вели дека веќе има комуникација со пратеници од НАИ, а не исклучува крилото на Села да влезе во Владата.
„Ќе видиме како ќе се развиваат работите. Според резултатите очекувам НАИ да се распадне и да има нови политички движења...Не ја исклучувам можноста тој да стане дел од Владата. Сите ние комуницираме. Толку е измешана политичката сцена, има толку многу турбуленции откако се формираа овие два блока, и мислам дека ќе има уште турбуленции се додека не дојде до вистинскиот исход“, изјави Меџити.
Ова не е прв пат, Меџити да најави зголемување на владејачкото мнозинство, но сега по изборните резултати шансите за прекројувања во парламентот и Владата во албанскиот блок се зголемуваат.
Села, пак, веднаш излезе со демант на Меџити тврдејќи дека останува опозиционер.
„Вистината секогаш е чиста и неизмешана, таа е една, не може да биде две или повеќе. А таа вистина звучи вака, Изет!
Ти – во комуникација со мене? НЕ.
Јас – дел од власта? НЕ.
Јас – на страната на тие што сакаат да ни ги укинат правата како народ? НЕ.
Уште еднаш повторувам, ги мерам моите достигнувања во политиката според тоа колку сум придонел за тоа Албанците да бидат порамноправни, а не според привилегиите на власта“, напиша Села.
Лидерот на крилото на Алијанса синоќа се пожали и дека имало притисоци од власта врз него и неговите приврзаници во Струга за вториот изборен круг.
„Политичката логика е едноставна, оној што е во очај се обидува да создаде непостоечки ситуации за да се претстави како жртва во очите на гласачите “, вратија од Вреди.
Од таму го повторија ставот дека коалицијата на ДУИ во Струга игра заедно со Левица.
-
Катерина Нешкова
Сите содржини од овој новинар
