Утре ќе се знае дали гостиварци ќе добијат питка вода
Утре ќе се знае дали водата во Гостивар е безбедна за пиење. Во двете последователни анализи од водата нема бактерии, само поголемо присуство на хлор, а последниот резултат кој се чека утре треба да покаже дали гостиварци по речиси еден месец ќе добијат питка вода. Утре треба да заседава Кризниот штаб и заедно со лабораториите ќе ги споредуваат резултатите.
Дури Гостивар чека питка вода, епидемијата и денеска е цел на партиски обвинувања.
Од опозициската СДСМ велат дека и по сите најави и ветувања на власта дека Гостивар за брзо ќе добие вода, поминаа пет недели, а граѓаните се оставени на пеколни температури без вода.
Од ВМРО-ДПМНЕ пак им возвратија дека со години СДСМ криела дека гостиварската вода не е за пиење и бараат Обвинителството да отвори предмет.
Во Гостивар забраната за пиење на водата е од 17 јули. Во моментов смее да се користи само како техничка, но граѓаните велат дека и за тоа им е страв да ја употребуваат. Над 5000 граѓани побараа лекарска помош поради симптоми на труње од гостиварската вода, која беше загадена со фекални бактерии.
-
Тамара Дичоска
Сите содржини од овој новинар
