Македонија
28. December 2023 - 16:55

Меџити- Пациентите да бидат спокојни, биолошка терапија ќе има!

Ќе има ли биолошка терапија после новогодишните празници или повторно се ќе зависи од буџетот на Онкологија? Стравот кај пациентите е оправдан по информациите што ги добиваат од медицински лица да дојдат на втори или трети јануари, па ќе видат дали ќе ги има сите лекови. И од менаџментот на клиниката ни одговорија дека постои потенцијален ризик да има недостаток на некоја терапија поради зголемената побарувачка.

Но, сомнежите ги побива министерот за здравство со неговата оптимистичка изјава.

- Незнам јас кој што кажал, тоа што можам јас да кажам е да бидат мирни онколошките пациенти, биолошка терапија ќе има. Нека бидат мирни, среќни празници и се ќе биде во ред, вели Фатмир Меџити, министер за здравство.

Овој проблем со редовноста на биолошката терапија треба да биде решен долгорочно а не кампањски, реагираат лекари. Пациентите, пак, бараат не само лекови туку и намалување на гужвите на Онкологија каде за преглед чекаат со саати. Делумно решение ќе биде отворањето на онколошките амбуланти во ГОБ 8-ми септември. 

-Точно ќе бидат испраќани кај нас кои пациенти ќе бидат во амбуланите, ние имаме двајца лекари онколози кои ќе се грижат за нив и ќе бидат вклучени во давање на цитостатската терапија. Се надевам после Нова година за брзо ќе биде тоа, вели д-р Христијан Костов, директор на ГОБ 8-ми Септември.

Инаку годината завршува без да се знае дали Обвинителството ќе поведе истрага за скандалот на Онкологија кој веќе 4 месеци е во предистражна постапка. На почетокот на септември веста дека некој се богател на грбот на болните и препродавал терапија ја потресе целата јавност. Но, епилог нема.