Македонија
15. December 2023 - 16:32

Меџити по втор пат го повика обвинителството да се изјаснат за скандалот на Онкологија

Годината ќе заврши без отворање на истрага за скандалот на Онкологија кој во семтември ја потресе јавноста. Во тек се предистражните постапки и како што велат од ЈОРМ за Сител во моментот течат вештачења на дел од медицинските истории и разгледување на документи добиени од странство. Незнаат кога тоа ќе заврши, но одговорија дека не работат по повици откако денеска министерот за здравство по втор пат јавно побара од обвинителите да кажат дали и кој е виновен за препродажба на терапија и богатење на грбот на болните.

- Повторно повикувам, јас сум најкомпетентен, јас и заменичката, веќе крајно време е Обвинителството навистина и тие самите да се тргнат од тој товар дека правниот систем не функционира во државата. Нека повелат господата и нека излезат со конкретен одговор и да се знае еднаш засекогаш кој е виновен, вели Фатмир Меџити, министер за здравство.

И додека обвинителите истражуваат а министерот бара да убрзаат со работата, кај онколошките пациенти веќе нема отпимизам и надеж дека вистината ќе излезе на виделина и ќе има правда за сите. Разочарани од спороста на предистрагата не веруваат дека некој ќе одговара а револтирани се што и ништо друго не е променето во интерес на пациентите. Ги чека и нов шок според најавите од менаџментот на клиниката дека по новогодишните празници може ќе има и недостиг на терапија поради спорите административни процедури за буџетите.