Македонија
4. August 2023 - 16:41

Меџити почна со собирање потписи за новата партија

Демократското движење предводено од Изет Меџити почна со собирање потписи за формирање на партија. Градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу кој исто така е дел од движењето очекува до крајот на денот да бидат собрани потребните изјави од 1000 граѓани заверени на нотар. Тој вели дека сите заинтересирани ќе можат да станат дел од партијата и во наредните два-три дена.

- Интензитетот како што можете да видите е голем, многу луѓе доаѓаат и ја даваат својата изјава на нотар и стануваат дел од новото Демократско движење. Пред малку и јас ја дадов мојата изјава и официјално станав дел од новото Демократско движење, изјави Висар Ганиу, градоначалник на Чаир и член на новата партија Демократското движење.

Од новата партија Демократско движење велат дека се во секојдневна координација со претставниците на Беса и Алтернатива и во иднина ќе излезат со заедничка програма за решавање на проблемите на граѓаните бидејќи сметаат дека нивниот опозициски блок е потребен на политичката сцена. Одделувањето на Аријанит Хоџа и пратеникот Басри Бајрами од матичната БЕСА според Ганиу е нелогично.

- Нелогично е кога целата опозиција се спојува Аријанит Хоџа и еден пратеник да излезат, а претходно цело време се декларираа како опозиционери, вели Висар Ганиу.

Според најавите новата партија предводена од поранешните членови на ДУИ официјално ќе биде регистрирана и промовирана идната недела на 13 –ти август.