Македонија
10. December 2023 - 16:38

Меѓународен ден на човековите права – секој има право да живее нормален живот

Секој има право да живее нормален живот, порача Народниот правобранител Насер Зибери на меѓународниот ден за човекови права. Тој во писмена изјава  нагласува дека годинава кога се одбележуваат 75 години од Универзалната декларација, не се почитуваат одредбите. Светот и понатаму се соочува со конфликти, милиони луѓе ги напуштаат своите домови и живеат во нехумани услови.

-Државата постои заради граѓаните, а не обратно. Затоа во секоја прилика, секој граѓанин без разлика на која националност припаѓа, која му е бојата на кожата, на кој јазик зборува, а кој ќе ви се обрати, ислушајте го, посветете му се и овозможете му да си го оствари со Устав и закон загарантираното право. Станува збор за човечки животи, судбини, а никој нема право со истите да си поигрува.Ние бранителите на човековите слободи и права многу добро го знаеме ова, затоа што секојдневно низ нашата работа го гледаме, вели омбудсманот Зибери.

Александра Цветановска од Здружението на млади правници вели дека загрижувачка е состојбата со прекршување на човековите права во Македонија. Тоа е нотирано во повеќе извештаи, а доказ се пресудите на Судот во Стразбур.

-Во повеќе сегменти во областите има прекршување, тука дополнително е што не постои доверба во институциите за таа заштита која треба да ја пружат, изјави Александра Цветановска, Претседателка на Македонското здружение на млади правници.

Во собранието беше доделена државната награда “Мето Јовановски“.Највисокото признание за долгогодишни остварувања во областа на промоцијата, заштитата и унапредувањето на човековите права им припадна на списанието „Лице в лице“ чии продавачи се претставници на најранливите групи и на на Борче Стаменов од Кавадарци, кој собира расипани лаптопи и компјутери, од нив креира нови и ги праќа на социјално загрозени семејства.

Државната награда е именувана по писателот Мето Јовановски, и беше прв претседател на Хелсиншкиот комитет за човекови права.