Loading Video...
Македонија
7. October 2026 - 16:38

И догодина ќе точиме скапо гориво?

Високите цени на енергенсите може да останат и следната година. Директорката на ММФ, Георгиева, предупредува дека и ако војната на Блискиот Исток заврши наскоро, цените нема да се намалат веднаш.

Нафтата сега се продава за околу 102 долари за барел. Покрај нестабилното снабдување од Заливот, дополнителен притисок создаваат високите трошоци за транспорт.

„Ако на ова се додаде и разликата во цената меѓу суровата нафта и рафинираните производи од уште околу 100 долари за барел поради глобалниот дефицит на капацитети за рафинирање, се добиваат малопродажни цени на дизелот и другите рафинирани производи на рекордно високо ниво“, вели Георгиева.

Тоа значи дека проблемот не е само колку чини суровата нафта. Во светот нема доволно капацитети за преработка на нафтата во дизел и други горива, што дополнително ги зголемува цените што ги плаќаат потрошувачите.

Проблеми има и со природниот гас. Снабдувањето е нарушени поради отежнатиот премин низ Ормутскиот теснец. Од ММФ велат дека најпогодени се Европа и Азија.

„Ценовниот притисок може дополнително да се зголеми како што земјите ги пополнуваат своите резерви, а побарувачката расте со приближувањето на студената сезона на северната хемисфера“, кажа Георгиева. 

Во Македонија високите цени на горивата се ублажуваат со скратени акцизи за 4 денари. Дополнително, кај дизелот е намалено е и ДДВ-то од 18 на 10%. Оваа мерка истекува во понеделник. 

Ваквите интервенции до крајот на годинава, според пресметките на владата, ќе ја чинат државната каса околу 130 милиони евра.