MFRR: Србија е на прво место во Европа по бројот на кршења на слободата на медиумите

Платформата Media Freedom Rapid Response (MFRR) денеска објави извештај за состојбата со слободата на медиумите во Европа за периодот од јануари до јуни 2025 година, во кој Србија е рангирана на прво место според бројот на регистрирани кршења на слободата на медиумите.
Според извештајот, во Србија се регистрирани вкупно 96 повреди на слободата на медиумите, со кои се погодени 199 медиумски работници. Зад Србија на листата се Грузија со 72 повреди, Турција со 64, Украина со 62 и Германија со 57.
Во извештајот на MFRR се наведува дека од ноември 2024 година, медиумските работници во Србија работат под невиден притисок и репресија од властите.
Во услови на тековните антивладини протести и насилниот државен одговор, новинарите во Србија се соочија со невиден број напади, вклучувајќи кампањи за клевета од страна на властите, напади додека известуваат од протести, уреднички притисок и неоправдани отпуштања, според извештајот на MFRR.
MFRR изрази длабока загриженост за безбедноста на новинарите и медиумските работници во Србија, кои известуваат под огромен политички притисок, соочувајќи се со физичко насилство, цензура, кампањи за клевета, злоупотреба на судските процедури и секојдневни закани со смрт.
Во првите шест месеци од 2025 година, базата на податоци евидентираше вкупно 96 случаи на кршење на слободата на медиумите против 199 медиумски работници или субјекти. Тоа се невидени бројки во споредба со 84 случаи евидентирани во целата 2024 година и 49 случаи во целата 2023 година, наведуваат тие.
Прекршувањата вклучуваат 19 случаи на физички напади, 19 напади врз имот (на пр. опрема), 57 случаи на вербална злоупотреба (на пр. закани, заплашување, онлајн вознемирување и кампањи за клевета), 25 инциденти поврзани со мешање во медиумите и осум судски постапки. Известувањето за студентските протести во врска со уривањето на бетонската настрешница на железничката станица во Нови Сад на 1 ноември 2024 година, кога загинаа 16 лица, особено го зголеми притисокот врз новинарите.
„И покрај силните критики кон студентското движење поради неговото известување и долгорочната политичка контрола, јавниот сервис РТС беше изложен и на политички притисок од претседателот Вучиќ и други високи функционери за наводно поттикнување протести. Претседателот, на пример, ја обвини РТС дека „има посебна улога во обоената револуција“, ги нарече новинарите „имбецили“ и тврдеше дека известувањето на РТС за протестите е „слично на лов на вештерки“, се истакнува во извештајот.
МИА
Ново на Сител
-

Комисијата за стручен надзор за случајот со починатото новороденче на ГАК констатираше дека реанимациската постапка е спроведена по протокол
-

Костадиновски: Бадентерот е корисен и здрав механизам, но само во политички орган, секаде на друго место создава аномалии
-

Собранието усвои неколку закони
-

Алиу: Големи предизвици во 2025 година во здравствениот систем, во тек се повеќе проекти, а ќе се спроведат и нови во 2026 година
-

Славески: Забележлива тенденција на намалување на банкарските провизии
-

МФ: Продолжува примената на повластената стапка на ДДВ од 5 проценти на новоизградени станови до крајот на 2028 година
-

Претседателот на Уставниот суд најавува нова ера на транспарентност и судски активизам
-

МЗШВ: Исплатени над 39 милиони денари на 663 оризопроизводители
