Македонија
13. February 2021 - 19:41

Мицкоски бара парламентарни заедно со локалните

Предвремени парламентарни избори заедно со локалните во ноември би биле идеално решение вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски. Според него тоа би било најекономично решение во моменти кога државата се соочува со, како што вели Мицкоски, најнеспособната влада до сега.

„А претходно, треба да дојде една влада која ќе подготви рамен терен за тие предвремени парламентарни и локални избори, а не ваква корумпирана и неспособна работа, бидејќи морам да кажам дека не ги бива за работа, не ги бива за проекти...ВМРО-ДПМНЕ води разговори и со парламентарни опозициски партии, но и со парламентарни партии коишто се дел од власта. Кога ќе имаме мнозинство во рамки на Собранието, тогаш ќе излеземе во јавноста и тоа мнозинство ќе го презентираме“, вели Мицкоски.

Ова е втор повик на Мицкоски за предвремени избори за нецела седмица. Премиерот и лидер на СДСМ Зоран Заев ги отфрли барањата како непотребни коментирајќи дека на државата и економијата и требал стабилен период без предвремемни избори иако тој е сигурен во победа и на такви избори.

Мицкоски коментира и дека Левица игра во корист на Заев со блокадата на законот за лични карти каде на предлог на БЕСА се додава и графа за етничката определба во личните документи. Според него воопшто не е спорно во личната карта му стои определбата Македонец.

„Зошто да не стои Македонец во мојата лична карата, нели идентотот е бетон, што е тука и спорно па сега со филибастеринг да се кочи и зошто да му слугуваме на Зоран Заев којшто има договор политички со БЕСА и сега бара преку некои странични други парламентарни партии коишто самиот кажа дека им обезбедувал ресурси и логистика пред избори да нанесат штета на ВМРО-ДПМНЕ, сега да нанесат штета на македонскиот народ. Зошто тоа што Зоран Заев го избриша со тој насилен договор којшто го донесе во Преспа, денеска ние да не го вратиме во Парламентот”, изјави опозицискиот лидер.

Против законот за етничка определба во личните карти се изјасни и Демократски сојуз кој е во коалиција со БЕСА и СДСМ. Отворена поддршка пак, даде и Зоран Заев, а против решението не се изјаснуваат ни Алијанса и Алтернатива.