Македонија
6. February 2026 - 16:32

Мицкоски ги укинува партиските потпретседатели, Извршниот комитет ќе е поголем

Без партиски потпретседатели, но со поголем Извршен комитет, нови имиња во раководството и во општинските комитети. Владејачката ВМРО-ДПМНЕ вечерва, на состанок на Централниот комитет, ќе ја почне реформата најавена уште на декемврискиот постизборен конгрес.

Укинувањето на потпретседателските функции, како што образложи Мицкоски синоќа во телевизиско интервју, се прави со цел да има рамен терен за сите кои се заинтересирани да го преземат лидерското место во ВМРО-ДПМНЕ во 2029 година, до кога трае и неговиот мандат.

Новиот Извршен комитет ќе брои 29 члена. Актуелните потпретседатели Александар Николоски, Гордана Димитриевска-Кочовска, Тимчо Муцунски и Владо Мисајловски ќе останат членови на ИК, заедно со Антонијо Милошоски, Никола Мицевски и Луке Галески.

Мицкоски ќе ја води партијата со единствена брза логистика од генералниот секретар, но и за таа функција треба да се избере ново име. Неофицијално, во игра за оваа позиција се директорот на Службата за општи и заеднички работи на

Владата, Ивица Томовски, пратеникот Драган Ковачки и актуелниот генерален секретар и пратеник, Ѓорѓија Сајкоски.

Промени се очекуваат и во раководствата на Унијата на млади сили и Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ, а потоа, до јуни, треба да се промени и составот на општинските организации.

Паралелно со овие партиски промени, Мицкоски најави дека ќе започне и реконструкција на владиниот кабинет, и тоа со нови кадри, но и со можна размена на ресори меѓу коалициските партнери.