Македонија
10. September 2026 - 14:10

Мицкоски: Компанијата ВИК ја проширува инвестицијата во Прилеп, предвидени нови 300 вработувања

Компанијата ВИК за нас е многу важен, би рекол, партнер, особено во Пелагонискиот Регион, за Прилеп - рече премиерот Христијан Мицкоски при денешната посета на компанијата ВИК во Индустриската зона во Прилеп на отворањето на новиот погон, кој ќе ангажира 300 нови работници. 

Владата ја поддржува компанијата, која во ТИР-зоната во Прилеп работи осум години. Посебна е поддршката зашто станува збор за циркуларна економија.

- Ќе продолжиме целосно да го преземаме институционалниот, би рекол, ризик или сето она што институциите треба да го подготват за инвеститорите, без разлика дали се тоа странски или домашни, во случајот станува збор за странски инвеститор, особено кога имаме ваков тип на инвестиција, која има фокус на циркуларната економија, односно економијата која е многу важна сега во Европа, економија која има цел сето она што е старо и искористено да го рециклира и да го обнови, практично. Тоа е она што претставува додадена вредност и тоа е она што претставува сега тренд во рамките на економијата на самата Европска Унија - изјави Мицкоски.

Сопственикот на ВИК нагласи дека компанијата во регионот е меѓу првите што ја поддржува и ја спроведува циркуларната економија, многу барана во Европа, а и соработува со образованието во дуалните паралелки. 

- Очекувам во иднина да има многу повеќе инвестиции за да се креира поголем економски развој во државата. ВИК е меѓу првите компании во регионот, која првпат ќе ја спроведува оваа циркуларна економија, многу барана во Европа. ВИК соработува со средните училишта во дуалното образование за да може тие ученици да продолжат со работа во компанијата и, воопшто, во Македонија - рече сопственикот на компанијата, Кристоф Дон. 

Компанијата ВИК во ТИР-зоната во Прилеп работи од 2018 година. Досега имаше повеќе од 500 вработени, а сега со отворањето на новиот погон се ангажирани уште 300.

 

МИА