Мицкоски: Најмалку 10% од становите во новоградбите ќе се продаваат по 20% пониска цена за млади брачни парови

Најмалку десет проценти од станбената површина во новите станбени објекти ќе треба да биде наменета за млади брачни двојки до 35-годишна возраст, кои ќе може да ја купат по цена најмалку 20 проценти пониска од просечната цена на становите во соодветната катастарска општина во претходната календарска година.
Ова го предвидува законското решение на кое работат Владата и Министерството за транспорт, а кое набргу треба да биде доставено до Собранието - најави денеска премиерот Христијан Мицкоски.
Мерката е дел од пакетот за олеснување на решавањето на станбеното прашање на младите брачни двојки, промовиран на годишната конференција на Унијата на младте сили на ВМРО-ДПМНЕ.
-Секоја градежна компанија која во иднина ќе гради објекти за домување мора однапред да определи најмалку десет проценти од станбената површина за домување, која потоа ќе биде понудена на млади брачни парови до 35-годишна возраст по цена што ќе биде минимум 20 проценти пониска од цената што се нуди за таа катастарска општина, а која била актуелна претходната година - рече Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање по одбележувањето 80 години од постоењето на ЈУ Детски дом „11 Октомври“.
Тој појасни дека врз основа на склучените купопродажни договори, точно ќе се одреди просечната цена на станбените единици во конкретната катастарска општина во претходната календарска година, при што становите наменети за младите брачни парови до 35-годишна возраст ќе бидат понудени со попуст од најмалку 20 проценти.
-Нашиот пристап е директен и јасен и прецизен - не е еден, два или три проценти од каматите на кредитите, туку минимум 20 проценти пониска цена за квадратен метар за брачен пар до 35 години, што ќе се споредува со просекот за катастарската општина од претходната календарска година, за да нема понатаму шпекулации - изјави премиерот.
Втората мерка, додаде Мицкоски, се однесува на младите брачни двојки до 35 години кои ќе сакаат да изградат сопствен дом, односно куќа. Според најавата, општините нема да можат да им наплатуваат комуналии, а и за оваа мерка ќе биде предложено законско решение.
Премиерот нагласи дека очекува поддршка од сите пратеници за законските измени.
Во однос на можните злоупотреби при утврдувањето на цените на становите, Мицкоски рече дека дополнителни прецизирања ќе има во законот и во подзаконските акти. Според него, споредувањето со просечната цена врз основа на реалните купопродажни договори треба да оневозможи вештачко зголемување на цената на квадратот.
Тој додаде дека за становите наменети за младите брачни парови ќе има утврден горен праг на цената, додека кај останатите станбени единици цените ќе продолжат да ги диктира пазарот.
-Тука имаме дискусија поради тоа што пазарната економија ги одредува цените за останатите станбени единици, односно пазарот диктира која ќе биде таа цена, со оглед дека имате побарувачка, ќе имате и понуда. Но ние ќе се обидеме и тука да воведеме одредена регулација, но којашто нема да ја задира пазарната економија - посочи премиерот.
На дополнително прашање дали мерките ќе важат и за веќе изградените станбени објекти, Мицкоски одговори дека законот нема да има ретроактивно дејство.
МИА
Ново на Сител
-

„Алта банка“ оди на продажба: Народната банка бара нов сопственик за 95 отсто од акциите
-

„Тешко е да се биде оптимист“ - Гутереш не гледа скор крај на војната во Украина
-

Искра Хаџи Василева денеска ја презема функцијата шефица на ОЈО ГОКК
-

„Разговори за иднината во 12:05“: Нема амнестија за корумпираните политичари, незаконскиот имот мора да се одземе
-

Смртоносен пожар на туристичкиот остров Пукет, 11 загинати и 16 повредени | ВИДЕО
-

Експлозии во Ормуската Теснина: Два танкери налетале на мини, уште шест се запалиле
-

Дронови погодија три брода во Црното Море, Романија подготвува борбени авиони
-

Променливо облачно време со дожд попладне, температури до 16 степени
