Мицкоски-Пленковиќ: Македонскиот пат кон ЕУ е исполнет со непринципиелни и неправедни блокади

Денешната посета не претставува само дипломатска средба меѓу две влади, туку и потврда на едно пријателство што со години се градело - односи темелени на меѓусебна почит, разбирање, соработка и искрена поддршка. Тоа го истакна претседателот на владата, Христијан Мицкоски, на заедничката прес-конференција со хрватскиот премиер, Андреј Пленковиќ, по денешната средба во Охрид.
Како што рече, Хрватска е близок партнер на Македонија, пријателска земја и сојузник во НАТО, земја со која споделуваме многу заеднички интереси, слични регионални предизвици, но и заедничка визија за стабилен, безбеден, развоен и европски Западен Балкан.
Тој рече дека со премиерот Пленковиќ разговарале за билатералната соработка, економските односи, инвестициите, инфраструктурното поврзување, енергетиката, европските интеграции, регионалната безбедност, како и за геополитичките случувања што влијаат врз целиот европски простор.
-Особено сме задоволни што денес ја подигнуваме нашата соработка на уште повисоко ниво преку потпишувањето на договорот за стратешка соработка меѓу двете влади. Овој договор е повеќе од дипломатски акт. Тој претставува рамка за долгорочно партнерство и јасна политичка определба за продлабочување на односите во области што се од суштинско значење за иднината на двете држави. Нашата стратешка соработка ќе биде заснована врз принципите на меѓусебно почитување, целосно уважување на суверенитетот, меѓународното право и заедничките интереси на нашите граѓани - рече Мицкоски.
Премиорот нагласи дека во услови на нови глобални предизвици, нестабилност, безбедносни ризици и економски трансформации, денес повеќе од кога било е важно државите што споделуваат исти вредности да градат посилни партнерства.
-Договорот што денес го потпишуваме создава можности за уште поинтензивна соработка во повеќе стратешки сектори. Ќе работиме на развој на конкретни иницијативи и проекти во транспортот, енергетиката, информатичките технологии, индустријата, производството, здравството, образованието, јавната безбедност, цивилната заштита, одбраната, кибербезбедноста и управувањето со границите - рече Мицкоски.
За договорот уште рече дека отвора простор за подлабока поврзаност меѓу институциите, компаниите, инвеститорите, академската заедница, граѓанскиот сектор и експертските кругови на двете земји.
-Ние сакаме оваа соработка да не остане само на ниво на политички декларации. Сакаме таа да донесе реални резултати - нови инвестиции, повеќе економски можности, нови работни места, поголема институционална подготвеност и подобар животен стандард за граѓаните - рече Мицкоски.
Што се однесува на прашањето на евроинтеграциите, тој истакна дека за Македонија тој процес не е само надворешнополитичка цел, туку институционално созревање, владеење на правото, економски развој, модернизација и создавање подобри услови за живот за нашите граѓани...
-Нашиот пат кон ЕУ, за жал, е исполнет со непринципиелни блокади поради што се доведува во прашање интегритетот на самиот процес. Но сакаме да веруваме во Европа - во вредностите, принципите и во Европа што препознава реформи, посветеност и резултати - рече премиерот изразувајќи благодарност до Хрватска за принципиелната политика по прашањето.
За економската соработка меѓу двете земји, тој истакна дека било разгоарано за продлабочување на соработката во енергетскиот сектор - област што станува едно од најважните стратешки прашања на современиот свет.
-Енергетиката денес не е само економско прашање. Таа е прашање на национална сигурност, отпорност, конкурентност и долгорочен развој. Токму затоа особено значење има меморандумот за разбирање и соработка во енергетскиот сектор, кој денес беше потпишан меѓу нашите ресорни министерства. Со овој меморандум создаваме рамка за унапредување на можната соработка во повеќе клучни области, како и за зајакнување на енергетската безбедност и регионалните интерконекции, рече Мицкоски.
Што се однесува на безбедносните предизвици со кои се соочуваат Европа и регионот, премиерот посочи дека во време на неизвесност, воени конфликти, сајбер-закани, миграциски притисоци и хибридни ризици, потребни се силни партнерства, координација и заеднички одговори.
Хрватскиот премиер Пленковиќ од своја страна ги истакна добрите економски односи меѓу двете земји, за кои рече дека постепено достигнуваат ниво од околу 350 милиони евра годишна размена, што смета дека е добра основа која треба дополнително да се зајакнува.
-Го поздравувам потпишувањето на овој договор за стратешка соработка, кој е плод на меѓусебната доверба и на односите што ги имаме меѓу двете пријателски земји и двата народа. Особено го цениме добриот третман на Хрватите во Македонија, како и третманот на македонското малцинство во Хрватска. Се радуваме на унапредувањето на таа соработка и ќе продолжиме да ги поддржуваме програмите поврзани со македонското малцинство во Хрватска, исто како што ја цениме грижата за Хрватите во Македонија, рече Пленковиќ.
Во врска со потпишаниот договор за соработка во областа на енергетиката тој рече дека се работи за една од најваните теми, не само за двете земји, туку и за целата Европска унија.
-Во последните години поминавме низ неколку големи кризи и настојувавме да обезбедиме сигурност во снабдувањето со енергија, како и прифатливи цени, што се темел на нашите економии. Верувам дека оваа соработка ќе овозможи дополнителен напредок и во тој сектор. Особено ми е драго што разговаравме и за соработката во транспортот. Двете земји се наоѓаат на важни трансевропски транспортни коридори, а тоа е особено важно за вас, рече Пленковиќ.
Тој уште ја нагласи добрата соработка во областите на туризмот, одбраната, дигиталната трансформација,
Кога станува збор за европскиот пат на Северна Македонија, премиерот Пленковиќ истакна дека Хрватска е силен и конзистентен поддржувач.
-Ве поддржуваме од првиот ден. Се сеќавам на почетокот од 2000-тите години кога Хрватска беше чекор зад вас. Денес сме веќе 13 години членка на Европската Унија. Нема подобар пример за тоа колку е неправедна сегашната ситуација и колку е важно процесите да се деблокираат и да се направат клучни чекори кон членството, рече Пленкови притоа потсетувајќи дека Хрватска ќе продолжи да помага во тој процес, како природен дел на односите на двете земји, од осјузништвото во НАТО како и реформите што ги спроведува Северна Македонија.
Претходно владините делегации на двете земји одржаа билатерална средба, на која беа потпишани договори за стратешка соработка помеѓу двете земји. Во рамки на владината посета на хрватската делегација Меморандум за соработка потпишаа македонското Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини и хрватското Министерство за економија.
Според агендата, официјалната посета на хрватската делегација на земјава ќе биде заокружена со средба меѓу сопственици на компании од двете држави, од која се очекува да произлезат иницијативи за понатамошна и конкретна деловна соработка.
МИА
Ново на Сител
-

Tема на денот со Гордана Сиљановска Давкова, претседателка
-

Четворица загинати во тешка сообраќајка на скопската обиколница
-

Четворица загинати во тешка сообраќајка на скопската обиколница
-

Преглед на вестите од светот
-

Без поместување на позициите заврши првата официјална средба Муцунски - Петрова Чамова
-

Фицо го одби предлогот на Мерц за полесно проширување на ЕУ
-

Антикорупциска откри незаконски вработувања и исплати во ТЕЦ Неготино
-

Градоначалникот на Скопје не отстапува со ограда да го затвори преминот на Бит Пазар – Граѓаните бараат семафор
