Македонија
22. May 2026 - 16:35

Антикорупциска откри незаконски вработувања и исплати во ТЕЦ Неготино

Антикорупциската комисија откри низа пропусти во процесот на присоединување на ТЕЦ Неготино кон ЕСМ. Поранешните членови на Управниот одбор на неготинската термоелектрана, прво си обезбедиле вработувања, а потоа си исплатиле и надоместок во вкупна вредност од 20 илјади евра бидејќи предвреме им прекинал договорот за членството во Управниот одбор.

„По статусната промена и соединување на АД ТЕЦ Неготино кон АД ЕСМ-Скопје, по престанок на функциите, како членови на управниот одбор, овие лица останале во работен однос во АД што било незаконски, бидејќи вработувањето во трговските друштва во државна сопственост единствено е преку јавен оглас. Оправдување за таквиот начин на вработување биле менаџерските договори врз основа на кои им било овозможено да изберат дали ќе останат во АД или ќе се вратат на старите работни места од каде дошле пред изборот“, вели Сервет Демири, член на ДКСК.

Присоединувањето на ТЕЦ Неготино беше направено во 2023 година. Тогаш биле склучени и анекс договори за членовите на управниот одбор со кои тие добиле и надоместок како отшета што предвремено им бил прекинат договорот во Управниот одбор на ТЕЦ Неготино. Била донесена одлука да им се исплати сума од над 1 милион денари. Според Антикорупционерите, тоа било незаконски бидејќи претходно ја искористеле поволноста да се вработат во термоелектраната.

„Дополнително во пријавата, лицата добиле средства во вид на апанажа врз основа на менаџерски дгоговори во висина од целосни 12 плати што претставуваат дополнителни приходи на редовната плата која ја добивале, а тоа значи дека како вработени во АД добивале редовна месечна плата и плус една плата согласно менаџерските договори“, вели Демири. 

Според антикорупциска, во постапувањето, се вмешани и членовите на тогашниот надзорен одбор на ТЕЦ Неготино, па предметот заедно со сомнежите за членовите на управниот одбор, ќе го испратат да го истражи Јавното обвинителство.