Мицотакис: Грција се соочува со закана за војна од Турција

Пораката дека Алијансата се темели на добрососедски односи и дека треба да се земе предвид чувствителноста на сите членки на НАТО, ја истакна грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис при пристигнувањето на НАТО Самитот во Анкара, посочувајќи дека Грција се соочува со закана за војна („casus belli“) од Турција, доколку ги прошири територијалните води, јави дописничката на МИА од Атина.
Одговарајќи на новинарско прашање за влијанието на Турција во рамките на НАТО и фактот што, како што се чини, претседателот на САД ќе ѝ дозволи на Турција да набави авиони Ф-35 и дали ова ја нарушува рамнотежата во Источниот Медитеран, Мицотакис рече дека нема да ги коментира вчерашните изјави на турскиот и американскиот претседател.
-Единствено што можам да кажам е дека еден сојуз мора да се темели на основниот принцип на добрососедски односи. Во моментот кога мојата земја се соочува со „casus belli“ од Турција, во случај да го искористиме нашето законско право да ги прошириме нашите територијални води, сметам дека треба да биде јасно дека треба да се земе предвид чувствителноста на сите членки на НАТО, посочи Мицотакис.
Додаде дека пред сè, станува збор за одбранбен сојуз, изрази увереност дека овие отворени прашања можат да се решат во духот на добрососедските односи и соработката и објасни дека отсекогаш бил силен поддржувач на подобрувањето на односите меѓу Грција и Турција.
Мицотакис се осврна и на концептот на европска стратешка автономија, за што рече дека е силен поддржувач, но „не како конкуренција на НАТО, туку како силен европски столб кој би можел да го зајакне сојузот на сите нивоа“.
Потсети дека Грција, од оваа година веќе ја исполнува целта од 3,5 отсто за одбранбени трошоци, но и дека спроведува програма за модернизација на армијата во вредност од 25 милијарди евра
–Мојата земја се наоѓа во многу чувствително соседство, кое се соочува со геополитички предизвици. Секогаш ја исполнувавме нашата обврска во однос на расходите што ги предвидува НАТО, дури и во периоди на строги мерки на штедење, а денес сме една од петте земји кои се наоѓаат меѓу првите во НАТО во однос на трошоците за одбраната, рече Мицотакис.
Во однос на регионалната состојба, изрази надеж и оптимизам дека прекинот на огнот меѓу Иран и САД ќе се одржи и нагласи дека е од клучно значење „да ѝ се даде време на дипломатијата да го реши ова сложено прашање“.
МИА
Ново на Сител
-

Кос, Јаневска и Сали во увид на реконструкцијата на студентскиот дом „Стив Наумов“
-

Три случаи на семејно насилство во Штип, Свети Николе и Македонска Каменица
-

Сиљановска Давкова: Кредибилен партнер сме на НАТО, да се надмине лавиринтот на патот кон ЕУ
-

Вимблдон: Ѓоковиќ казнет поради недолично однесување
-

78-годишна жена пронајдена мртва во својот дом во Кисела Вода
-

Пронајден машки труп во река Пчиња кај Катлановска Бања
-

59-годишник во продавница допирал по тело 31-годишна жена
-

Приведено едно лице поради напад на полицаец кај Градски стадион во Скопје
