Мицотакис: Не ни треба посредник во разговорите со Турција

Нашите односи со Турција се самостојни. Ќе имам можност да бидам во Анкара во наредните седмици и во никој случај не сметам, а мислам дека и Турција го дели тој став, дека ни е потребен некаков медијатор или посредник за да разговараме за прашања што ги засегаат двете земји, посочи грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис во интервју за телевизијата „Скај“, јави дописничката на МИА од Атина.
На прашањето дали го загрижуваат дискусиите дека со фактот што американскиот и турскиот претседател одржуваат тесни врски и чести телефонски разговори, а евентуална посета на Трамп во Грција или на Мицотакис во САД би можело да значи американското посредништво, грчкиот премиер одговори негативно и категорично ја отфрли можноста за медијаторство во односите со Турција.
Говорејќи за грчко-турските односи Мицотакис откри дека пред 15 февруари ќе се сретне со претседателот на Турција Реџеп Таип Ердоган во Анкара во рамките на Високиот совет за соработка меѓу двете земји.
Објасни дека по потпишувањето на Атинската декларација во декември 2023 година постојат „значајни придобивки кои не треба да ги занемаруваме“, а како пример ги спомена „значителното намалување на тензиите и нарушувања на грчкиот воздушен простор“, соработката со Турција во миграцијата, воведувањето брза виза за турски турсти на островите во источниот дел на Егејското море, но и отворените канали за комуникација за решавање на каква било тензија.
Од друга страна, рече дека главното прашање и „суштинската разлика со Турција, е една и единствена: разграничувањето на морските зони, ексклузивната економска зона и континенталниот гребен, во Егејското море и Источниот Медитеран“.
– Во секој случај, фактот што можам директно да разговарам со претседателот Ердоган, верувам дека е само позитивен, бидејќи очигледно не разговараме само за грчко-турските односи. Грција би сакала да развие и повеќе иницијативи во поширокиот регион. Би можеле да го разгледаме и прашањето за една поширока регионална конференција во која би била вклучена и Турција. Ние сме соседи, „осудени“ од географијата да коегзистираме и треба стабилно да постојат отворени канали за комуникација, нагласи Мицотакис.
Додаде дека Турција треба да сфати дека решавањето на разликата со Грција би имало и други паралелни придобивки за неа, особено во однос на можноста дополнително да се приближи до Европската Унија и да учествува во некои идни програми за финансирање на нејзината одбранбена индустрија со европски средства.
– Но, бевме апсолутно јасни: додека постои „casus belli“ (закана за војна), Турција не може да користи европско финансирање. И покрај тоа што некои оспоруваа дека оваа наша позиција има суштинска вредност, од самиот исход се покажа дека успеавме да ја постигнеме таа цел. Сепак, нашата цел не е трајно да ја исклучуваме Турција од посилна соработка со Европа. Нашата цел е да ја искористиме оваа преговарачка карта за да ја убедиме Турција дека овие барања се целосно неосновани и непотребни, објасни грчкиот премиер.
За односите со САД и евентуална посета на американскиот претседател Доналд Трамп на Грција, со оглед на тоа што амбасадорката во Атина ја остави отворена можноста тоа да се случи, Мицотакис посочи дека нема некоја официјална информација за патување на Трамп во земјата и додаде дека „тоа се прашања за кои секогаш се разговара“.
МИА
Ново на Сител
-

Тече рокот за пријавување на штети од поплавите во Струмица
-

Сите работници не добиле К-15
-

Прекумерната употреба на антибиотици сериозна опасност по здравјето
-

Преглед на вестите од светот
-

До 1 мај граѓаните кои работеле во странство треба да обезбедат доказ за платен данок
-

Преглед на вестите од светот
-

Онколошки пациенти од Пелагонискиот регион повторно за терапија мора да доаѓаат во Скопје
-

Адвокати бараат да прекине судењето за пожарот во „Пулс“
