Македонија
21. May 2026 - 18:08

Минчев на средба со СИГМА: Транспарентноста и ефикасноста клучни за јавната администрација

Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, денеска оствари работна средба со Баграт Тунјан, претставник на СИГМА – заедничката иницијатива на OECD и Европската Унија, посветена на тековните активности и реформски процеси во областа на јавната администрација.

- Во фокусот на средбата беа унапредувањето на системот за Проценка на влијанието на регулативата (ПВР), подобрувањето на квалитетот на креирањето политики, јавните консултации и дигитализацијата на процесите, како и подготовката на нови методолошки и регулаторни решенија согласно Стратегијата за реформа на јавната администрација 2023–2030 и препораките на СИГМА -  соопшти прес-службата на Министерството за јавна администрација. 

Дополнително,  велат од МЈА, се разговараше за потребата од понатамошна експертска и координативна поддршка во процесот на имплементација на препораките на СИГМА, подготовката на новиот Акциски план 2027–2030, како и за продолжување на активностите поврзани со Законот за организација и работа на органите на државната управа (ЗОРОДУ), преку инклузивен и транспарентен консултативен процес.

- Министерството за јавна администрација останува посветено на спроведување на суштински и одржливи реформи кои ќе придонесат кон поефикасна, покоординирана и професионална јавна администрација, усогласена со европските стандарди и потребите на граѓаните и институциите - се вели во соопштението.