Македонија
2. April 2023 - 16:31

Министерот Фатмир Меџити го нема на терен каде се проблемите во здравството - пациентите реагираат на социјалните мрежи

Повеќе средби со амбасадори, отколку посети во болници и средби со пациенти. Дали Фатмир Меџити е министер за здравство или за надворешни работи?

Сомнителна смрт на дете во битолската болница, обвинувања од семејство за не навремена лекарска помош на пациент кој починал во тетовската болница, протест на здравствени работници... а изминатите 10-тина дена министерот за здравство може да се види само на Фејсбук. Според објавите тој изминатиот период се сретнал со амбасадорите на Чешка, Грција, Косово, Италија, ЕУ, но и со претставници на повеќе меѓународни организации.  

А токму под ПР соопштенијата на социјалните мрежи граѓани и пациенти укажуваат за дел од актуелните проблеми...

-На рендген на Клиничи нема кој да ги исчита снимките...

-Амбасадорката да ја прошета по ходниците на Онкологија  и да се пофалите како здравствениот систем функционира...

-Молам за прием за преглед кај кардиолог... се дел од коментарите под објавите.

Повеќе од еден месец откако Меџити е прв човек на најчувствителниот ресор, не исполни ниту едно приоритетните ветувања. И понатаму е хаос со паркингот на Клинички, нема поголеми плати за вработените во здравството, ниту пак интернистички ургентен центар, а пациентите за нови и современи лекови на позитивната листа очигледно ќе чекаат уште долго.

Комуникологот Бојан Кордалов смета дека секој функционер, вклучително и министер треба да дојде подготвен за функцијата.

-Важно е да го запамтат сите носители на јавни функции со доаѓањето на власт, простор за меден месец нема. Едноставно ова е време на многу кризи, на многу чувствителни работи за граѓаните, исто како што секој од граѓаните нема простор за меден месец и има напластени проблеми и чека да бидат решени и чека системнот да биде воспоставен за да не се создаваат проблеми, тоа истото мора да важи и тоа многу повеќе за самите функционери, вели Бојан Кордалов, комуниколог.

Исто така, од министерството предводено од Фатмир Меџити не одговараат конкретно ниту на новинарските прашања за актуелни случувања во здравството, ниту пак обелоденуваат колку нови луѓе, на кои позиции  и за колкав хонорар се ангажирани во кабинетот.

Слична пракса да се сликаат со амбасадори и да објавуваат фотографии со ПР соопштенија имаа и неговите претходници Беким Сали и Венко Филипче, но тие почесто се појавуваа во јавноста и одговараа на новинарски прашања.