Мисајловски: Нема да испраќаме македонски војници во Украина
Македонија не е подготвена да испраќа свои војници во Украина. Министерот за одбрана е дециден дека наши војници нема да се борат на украинско тло. Ваквата реакција доаѓа откако генералниот секретар на НАТО, Марк Руте за германски „Билд“ изјави дека некои европски држави изразиле подготвеност да испратат свои претставници во Украина за да помогнат во одржување на мирот.
„Ќе испраќа ли Македонија војници во Украина за мировниот договор со Русија? Директно не. Не планираме воопшто – македонски војници нема да има на украинска територија. Многу пати сум го кажал и сега го кажувам. Ние да гледаме да се модернизираме во нашиот дел. Секако ние сме дел од едно големо семејство, ќе помагаме на било кој начин но такво нешто ниту било на маса, ниту се размислува, ниту додека сум министер ќе има такво нешто, изјави министерот за одбрана Владо Мисајловски.
Војната во Украина, според Мисајловски, останува главен предзивик во 2026 година. Цени дека следуваат и геополитички тензии, хибридни и сајбер закани и нови форми на ризици за кои нашата држава заедно со сојузниците мора да остане подготвена да ги одврати и од нив да се одбрани. Дополнува дека Македонија држи чекор со обврските кои мора да ги исполни како членка на Алијансата.
„Алијансата бара од нас да се зголеми нашиот буџет особено во делот на модернизација или капитални расходи и проекти, се бара отприлика 20 проценти, ние за следната година ќе имаме се вкупно 47 проценти. НАТО бара од нас 1,5% за други проекти и развој што ние на тој дел имаме доста проекти, во делот на Коридорите и другите институции. Зборувам за Коридорот 8 и 10 кои НАТО ги признава како НАТО коридори“, дополни министерот Мисајловски.
Буџетот за следната година за одбраната тежи 358 милиони евра. 8,4 проценти повеќе од овогодинешниот буџет, што претставува зголемување од над 27,7 милиони евра.
185 лица догодина ќе бидат испратени да го зацврстат регионалниот мир на Алијансата. Мисиите ќе не чинат 9 милиони евра. Нашинци остануваат во КФОР на Косово, но и во ЕУФОР-АЛТЕ во БиХ. Ќе испратиме тим и во Либан. Дел ќе бидеме и од мултинационалните сили на НАТО распоредени во Латвија, Романија и Бугарија.
-
Габриела Лескова
Сите содржини од овој новинар
