Може ли отпадот да биде алтернативно гориво?
Еден македонски граѓанин годишно продуцира по 505 килограми отпад. Ако на ова се додаде и отпадот кој го продуцира индустријата, може да се констатира дека станува збор за огромни количини кои во најголем дел се одлагаат на депониите. Долгогодишна европска пракса е дел од отпадот да се реупотреби, рециклира или согорува, а тоа и кај нас е регулирано со Законот за управување со отпад.
- За да може некоја инсталација да користи отпад како енергија, односно, дел од основното гориво да го замени со отпад, треба да поседува соодветна дозвола која ја издава Министерството за животна средина. Затоа што, отпадот кој ќе се користи треба да биде преработен, да се доведе во форма во која ќе може да се користи како извор на енергија и тоа е една посебна технолошка постапка. Второ, инсталациите кои ќе добијат дозвола треба да ги интегрираат сите мерки, за да може да биде безбедно тоа користење, изјави Ана Мазнева Каранфиловска, раководител на Сектор за управување со отпад, МЖСПП.
Горењето на отпадот мора да биде континуиран процес на многу високи температури, за да не се појават емисии на штетни гасови во воздухот.
- Во овој момент во Македонија има неколку високо температурни процеси кои што можат да искористуваат отпад како гориво и некои од нив тоа го користат, но во мал процент. Потребно е државата да вклучи нови истражувања за да можеме да добиваме енергија и топлина за затоплување на нашите градови и струја за нашите граѓани од гориво произведено од отпадот кој што го создаваме, изјави проф. Даме Димитровски, УКИМ-Скопје.
Во рамки на проектот „Енергија од отпад за цементната индустрија од Западен Балкан“, започна процес на согорување на дел од отпадот кој го продуцира текстилната индустрија.
- На наше задоволство, отпадот кој претходно беше депониран на конвенционалните депонии и уништуван согласно царинските постапки, сега завршува со нула остаток. Тоа за нас е навистина добро искуство и препорачуваме останатите компании да пробаат да остварат таква соработка со слични капацитети, во рамките на законските можности кои што ги овозможуваат државните органи, изјави Александар Петровски, ГЕНТЕРМ Македонија, Прилеп.
На националната конференција беа промовирани целите, активностите и резултатите остварени во изминатиот тригодишен годишен период.
-
Трајан Ристовски
Сите содржини од овој новинар