МП: Протестот е темелно демократско право, но загрижува улогата на одредена опозициска партија и обидот за манипулација

Министерството за правда го почитува правото на протест како едно од темелните демократски права на секој граѓанин. Сепак, со жалење констатираме дека денешниот протест уште еднаш покажа обид за манипулација со граѓаните од страна на политички структури кои повеќе од две децении директно учествуваа во креирањето на лошите состојбите во правосудниот систем, се вели во реакцијата од Министерството за правда по денешниот студентски протестен марш поради неспроведување на Законот за употреба на јазиците при полагањето на правосудниот испит.
Слободното изразување на ставови и иницијативи преку јавни собири, посочуваат од Министерството, претставува значаен сегмент од демократското општество и придонесува кон унапредување на јавниот дијалог.
-Особено загрижува улогата на одредена опозициска партија, и нивното делување во контекст на актуелните протести .Ваквите постапки отвораат сомнежи за обид за јавна манипулација и инструментализација преку поттикнување на чувствителни прашања и очигледно користење на етничка реторика за остварување на краткорочни политички цели. Во тој контекст евидентно е и отсуството на користење на државни обележја на денешниот протест што дополнително упатува на демократскиот капацитет на организаторите и нивниот однос кон државата и уставниот поредок - се вели во реакцијата од МП.
Во однос на барањата поврзани со полагањето на правосудниот испит, Министерството за правда уште еднаш, потенцира и потврдува дека истиот се спроведува согласно важечката законска рамка.
-Станува збор за стручен испит кој не претставува управна постапка, туку механизам за обезбедување на квалитет и стручност во правосудниот систем - нагласуваат од МП.
Министерството за правда останува отворено за конструктивен дијалог со сите засегнати страни и внимателно ги разгледува сите иницијативи и предлози, исклучиво во рамки на законските надлежности.
-Наш приоритет останува јакнењето на правниот поредок и воспоставување на фер, транспарентен и квалитетен систем на стручна евалуација, ослободен од политички влијанија. Нема да дозволиме никаква злоупотреба на Уставот и законите - стои во реакцијата од Министерството за правда.
Во Скопје денеска се одржа студентски протестен марш на кој албанските студенти протестираа поради неспроведување на Законот за употреба на јазиците при полагањето на правосудниот испит. Маршот започна од плоштадот „Карпошово востание“, продолжи преку Камениот мост и заврши пред Министерството за правда.
МИА
Ново на Сител
-

Труп на човек пронајден во Вардар кај Демир Капија, телото на обдукција
-

Мицкоски од Илинден: Владата продолжува со инвестиции во образованието, се гради нова училишна зграда во ООУ „Гоце Делчев“
-

Јаневска: Од понеделник законот за високото образование ќе оди во владина процедура, сите контруктивни забелешки се или ќе бидат прифатени
-

Променливо облачно и потопло време до средината на следната седмица
-

Мицкоски: Исполнети се условите да ги намалимe aкцизитe зa дизeлoт зa 4, а на бензините за 2 денара по литар
-

Герасимовски во посета на збратимената општина Стари Град, Белград, во фокус култура, спорт и образование
-

УЈП апелира да се користат само нејзините официјални насоки за проектот е-Фактура
-

Кај 68 годишник од Струмица пронајдени 50 грама кокаин
