Македонија
4. September 2025 - 17:17

МВР набавува 120 возила

120 нови патролни возила набавува Министерството за внатрешни работи. Полицијата ќе се поднови со Пежо 408 – набавка вредна 3,9 милиони евра.  Возилата треба да бидат испорачани до крајот на годината, а планот на МВР е сите да бидат обележани да ги користи униформираната полиција. 

Министерот Тошковски уверува, направен е одличен договор со голем попуст. Дополнително, во првите пет години возилата ќе имаат бесплатен редовен сервис. Ова, според него, е мал прв чекор за конечно осовременување на македонската полиција. 

-Од планираната вредност од 4 милиони евра без ДДВ се набавени за некаде половина милион евра помалку. Согласно информациите кои ги добив од службите во рамките на јавната набавка којашто беше имало доста борба помеѓу два економски оператори во однос на цената затоа што станува збор за голема бројка на возила. Навистина ми е многу драго што некое возило коешто на пазарот може да се најде по пазарна цена од некаде околу отприлика над 30-тина илјади евра, 34 илјади евра колку што бев информиран од службите, ние го имаме добиено за 26-7 илјади евра со сета опрема што ја има тоа возило, вели Тошковски. 

Тошковски вели, постоечките возила кои го користат полициските службеници се во незавидна состојба. Планот на МВР е набавката да не запре тука, туку да се нават 3 до 4 пати повеќе од овие 120 пежоа. 

-Идејата и визијата и на МВР и на Владата е во рамки на можностите коишто ги имаме да ги обновиме возилата. Кога возите вие возило кое е година, две, три, четири старо, трошоците за резервни делови, коишто ќе ги немаме во конректниот случај и сите оние други трошоци и те каде се многу помали доколку управувате возила кои се 10-15-20 години. Во МВР се управуваат сега возила коишто се стари повеќе од 20 години. Тоа е реалноста, во таква фактичка состојба го начекавме министерството. Се надевам дека со многу подобри услови ќе овозможиме полцииските службеници достоинствено да си ја вршат работата. Уште со почетокот на 2026, овие 120 возила не ги задоволуваат потребите, но и те како ќе бидат огромно освежување и осовременување на возилата со коишто се користи полицијата, вели Тошковски. 

МВР во текот на оваа, или идната недела ќе објави оглас за набавка на помеѓу 6.500 и 7.000 тактичко-оперативни униформи за униформираната полиција. Со тоа, Тошковски најавува нов лик на македонската полиција и ги повика економските оператори да се јават на огласот. 

Во изминатите три години МВР има набавено 50 возила. Дополнително, како донација, главно од Чешка, добило 10 автомобили.