Македонија
6. October 2026 - 10:03

МЗ: Се очекува вакцините против грип да бидат обезбедени во текот на месецов

Министерството за здравство вложува напори вакцините против сезонски грип да бидат што побрзо обезбедени, за вакцинацијата на ранливите категории граѓани да почне според планираното.

Проблемот, велат е глобален поради промена на соевите на вирусите во нивниот состав, поради што било одложено производството на вакцините. Од МЗ очекуваат во текот на месецов да бидат обезбедени вакцини преку меѓународни канали. 

- На објавениот тендер за набавка не пристигна ниту една понуда - причината е проблем во производството на глобално ниво, а не во нашата постапка. Оваа година, првпат одеднаш се променети сите три вирусни соеви во составот на вакцината (два за грип А и еден за грип Б). Светската здравствена организација и американската агенција ФДА ги ажурираа трите соеви заедно, што го одложи почетокот на производството кај производителите ширум светот - информираат од Министерството. 

Оттаму потенцираат дека се во постојана комуникација со земјите од регионот и пошироко и дека се очекува наскоро, во текот на овој месец да бидат обезбедени вакцини преку меѓународните канали.

- Вакцинацијата останува најсигурна заштита од тешки облици на грип и компликации, особено за хронично болните, постарите лица и бремените жени. За секој напредок граѓаните ќе бидат навремено информирани - се вели во соопштението од Министерството за здравство.

 

МИА

Ново на Сител