На протест и производителите на сина слива, бараат повисоки откупни цени
Со двочасовна блокада на патот Делчево-Берово, производителите на најпрепознатливиот производ на Пијанечко-Малешевскиот регион, го искажаа револтот поради немањето откуп на сината слива. Пред 4 години од ресорното министерство добија ветување дека ќе бидат изградени сушара и дестилерија, но во меѓувреме не се случи ништо, па стравуваат дека богатиот род и годинава ќе им скапува по овоштарниците.
-
Додека во нашиот крај не се направат преработувачки капацитети, проблеми со откупот на сливата ќе имаме постојано или народот ќе се разочара и ќе ги запусти овоштарниците и така се ќе се распадне- изјави Исус Десподовски, овоштар од с. Вирче, дечевско.
-
Бараме министерот за земјоделие да дојде овде во Делчево, да организира средба со овоштарите и да каже има ли некаква перспектива во овоштарството или како што кажаа луѓето, да извадиме, да искубиме се и да го баталиме овоштарството-изјави Јованчо Медарски, овоштар од Берово.
Атанас Ангеловски од делчевското село Град, вели дека, жално е што под овошни насади има 25 ха, а неговото семејство едвај „врзува крај со крај“.
-
Моите деца имаат завршено факултети и сега размислуваат, тие 25 ха овоштарници да ги остават и да одат во друга држава да печалат- изјави Атанас Ангеловски, с. Град, делчевско.
Назадоволни се и што во пресрет на бербата на годинашната реколта никој ја нема дефинирано откупната цена. Сината слива во Радовишко се откупува по 6 до 8 денари за килограм, што е пониска од производната цена. Само во Пијанец годинава родот на сината слива се проценува на околу 14 000 тони.
-
Трајан Ристовски
Сите содржини од овој новинар