Македонија
29. January 2026 - 16:36

Нацрт верзијата за укинување на техничката влада е доставена до пратениците, СДСМ се противи

Нацрт верзијата за укинување на техничката влада веќе им е доставена на пратеничките групи. Тие имаат рок до следниот петок да дадат забелешки на документот кој предвидува техничката влада да важи само уште за следните парламентарни избори. Врз основа на забелешките на пратениците ќе бидат изготвени и измените на Законот за влада со кои овој механизам за контролирање на извршната власт ќе замине во историјата. 

Спикерот Гаши вели дека Собранието ќе постапи во оној момент кога овие законски измени ќе пристигнат, но неговиот личен став е дека за ова прашање е потребен консензус помеѓу сите партии.

- Мислам дека подобро би било сите заеднички да се договориме кога престанува потребата од таква техничка влада. Сега ако се настојува да се пристапи инаетчиски или унилатерално и тврдоглаво да се застане зад некој став, тоа е друга работа. Но, треба да се аргументира и да се дојде до решение што сите заедно еден ден ќе кажеме – оваа техничка влада веќе не ни треба. Ако дојде до таков момент, мислам дека е добро заедно да го изгласаме тоа решение, рече Гаши

СДСМ и натаму останува против укинување на техничката влада. Филипче вели дека се уште постојат причините поради кои овој механизам за котролирање на власта беше воведен. 

- Сметаме дека е повторно политички трик да се дозволи власта да протне закон со којшто техничката влада формално ќе остане во следниот изборен циклус, а потоа ќе се укине. Ние изнесуваме аргументи и факти зошто техничката влада мора да остане, затоа што условите за нејзино укинување едноставно не се созреани, изјави Филипче.

Техничката влада беше една од темите и на лидерската средба која премиерот Мицкоски ја организираше пред две недели, на која не присуствуваше само СДСМ. Покрај ВМРО-ДПМНЕ, поддршка за ова прашање дадоа и ЗНАМ, Вреди и Левица, додека од ДУИ остануваат на ставот дека се потребни консултации со меѓународните партнери со чие посредство беше договорена техничката влада во 2015-та.