Над 45 милиони евра издвоила државата за правосудството во 2022 година
Над 45 милиони евра биле издвоени од државната каса за правосдуството во 2022 година, покажува најновиот Извештај за ефикасност и квалитет на правдата во Европа. Ова финансирање е еднакво на нешто над 24 евра по жител што е под европскиот просек од речиси 75 евра.
Сепак, процентуално од бруто домашниот производ е над европросекот. Според извештајот, Македонија одвојува 0,39 проценти од БДП за судството, додека европскиот просек е 0,28.
Најголем дел од парите одат за судството, а најмалку за правна помош.
И покрај тоа што за 10 години бројот на судии е намален за околу една третина, со 22,3 судии на 100 илјади жители земјава е над европскиот просек од 21,9 судии.
Од друга страна, бројот на обвинители е 8,5 што е под европросекот од 12,2.
Платите на судиите и обвинителите во Македонија се најниски во регионот.
Судиите почетници имаат двојно пониска бруто плата од европскиот просек. Кариерата ја завршуваат со разлика од четири пати.
Обвинителите, пак, почнуваат со плата речиси двапати над просечната национална плата, што е над европскиот просек од 1,7. Но, на крајот од кариерата имаат 2,7 пати над просечната национална плата, што е под европскиот просек од 3,2 пати.
Во извештајот се наведува дека бројот на судии и обвинители се намалува поради пензионирањето и долгиот процес на обука во Академијата за судии и јавни обвинители.
Генерално, според извештајот, судовите се најефикасни во кривичната област и во трет степен.
Во теорија времето за решавање на еден случај во прва инстанца во граѓански судови е 312 дена, во кривичен – 159 дена и во административен – 303 дена.
-
Мартин Арсов
Сите содржини од овој новинар
