Над 50 работници од штипска конфекција останаа на улица
Над 50 работници останаа на улица, без исплатени плати, откако странски сопственици на локална штипска конфекција преку ноќ исчезнеле додека вработените биле на летен одмор. Денеска наместо да започнат со работа, наидоа на заклучена врата од конфекцијата, со штуро соопштение сами да се пријават во Агенцијата за вработување. Сопствениците и раководните лица не им одговараат на телефонските повици.
- Газдите ни се Хрват и Германец, а ние немаме кому да се обратиме. Ова што не лажат дека залепиле нешто, тоа е само до кога ни е договорот, но нема на кого да се обратиме, а ние платата ја бараме од газдите и директорката, од тие што потпишуваат. Нив никаде ги нема, ниту да ни отворат, ниту да се појават.
- На улица не оставија, срамота е ова што го прават и да бегат сите и шефици и газди. Значи, 3 плати треба да ни исплатат заедно со К- 15, изјавија работнички во конфекција
Работничките не можат да си ги земат ниту личните работи кои им останале во конфекцијата.
- Треба да дојдат да ни отворат да си ги земеме работите, ако веќе не работиме, а не да се кријат. Кога работевме бевме добри, а сега ги нема никаде. Ајде, ајде, ајде, душа ни извадија, здравјето ни го земаа, си ги потрошија парите, сега нас „кој не шиша“. Не е добро и ние имаме семејства, не чуваме стока дома.
- Каде ние треба да се обратиме за да најдеме некој што ќе ни одговори за ова што сме го работеле толку денови на 40 степени, од сите пот течеше, апчиња и дававме за да издржат на работа, за да ги завршиме налозите.
- Јас си го барам заработеното, К-15 да ни исплати, двете плати и да не стават под Заводот (за вработување), изјавија револтираните работнички
За случајот е известен трудовиот инспекторат, по што инспекцијата излезе на терен.
-
Трајан Ристовски
Сите содржини од овој новинар