Најавени масовни протести против Трамп во неколку градови во САД

Во повеќе градови низ Соединетите Американски Држави се подготвуваат демонстрации против претседателот Доналд Трамп, додека тој утре ќе присуствува на парада во Вашингтон по повод 250-годишнината од формирањето на американската војска.
Најголемиот собир и протестна поворка се најавени во Филаделфија, Пенсилванија, додека во Вашингтон, каде што ќе биде Трамп, не е планиран таков настан.
Протестите добиваат дополнителна поддршка поради незадоволството од рациите на федералните имиграциски власти, кои започнаа минатата недела, како и од наредбата на Трамп за испраќање војска и маринци во Лос Анџелес, Калифорнија, каде демонстрантите блокираа автопат, палеа автомобили, а полицијата користеше солзавец, гумени куршуми и светлосни гранати.
Гувернерите и градските власти ветија дека ќе го заштитат правото на протест, но нема да толерираат насилство. Републиканските гувернери на Вирџинија, Тексас, Небраска и Мисури мобилизираа војска за поддршка на полицијата во справувањето со протестите.
Организаторите на протестите во Флорида планираат марш до одморалиштето на Трамп „Мар-а-Лаго“, но републиканскиот гувернер Рон ДеСантис ги предупреди демонстрантите да не ја преминуваат „јасната граница“.
Главниот обвинител на Филаделфија, Лери Краснер, изјави дека секој што ќе го прекрши законот во градот, вклучително и имиграциските агенти што ги надминуваат овластувањата, ќе биде уапсен. Тој го посочи Мартин Лутер Кинг Помладиот како пример за демонстрантите, велејќи: „Ако постапувате како што би постапил Мартин Лутер Кинг Помладиот, ќе бидете во ред“.
Протестите, наречени „Без кралеви“, се организирани од движењето „50501“ за поддршка на демократијата и спротивставување на, како што велат, авторитарните постапки на администрацијата на Трамп. Демонстрантите на претходните протести бараа Трамп да биде „симнат од тронот“, споредувајќи ги неговите постапки со оние на крал, а не на демократски избран претседател.
Организаторите планираат мирни протести на речиси 2.000 локации низ САД, очекувајќи дека овие акции ќе бидат најголемиот еднодневен повик за граѓанска непослушност откако Трамп се врати на власт.
Ново на Сител
-

Муцунски: Нема да примаме мигранти, ниту одбиени баратели на азил од Обединетото Кралство
-

Поевтинуваат бенизите, цената на дизелот останува иста
-

Викендов на ГП Табановце, влегле над 36.000 македонски државјани
-

Дедо Мраз и супер херои од цртаните филмови им поделија пакетчиња на хоспитализираните на Детската клиника
-

Мицкоски објави инвестиција од 100 милиони евра во енергетиката
-

Авиосообраќајот на скопскиот аеродром се стабилизира, откажани осум лета поради магла
-

Муцунски: Во фокусот внатрешните реформи и достоинствено и соодветно решение со Бугарија
-

Божиновска: Нема да има никаква криза, државата има резерви на мазут
