„Нема да не снема“: Осмомартовски марш против насилството врз жените
- Ќе ги замолам сите сите присутни за една минута молк за сите жени кои денес не се со нас бидејќи системот не ги заштити.
Со едноминутно молчење почна протестниот осмомартовски марш под мотото „Нема да не снема“. Присутните побараа правда за Ивана и Катја, но и за сите жени жртви на семејно насилство.
- Потфрливме како општество, потфрливме како систем, потфрливме и како родители. Ние до ден денес не создадовме подобра иднина за нашите деца. Создадовме страв, создадовме систем во кој со право немаме доверба.
- Како не ви е срам да се појавите на говорница после рекорден број на убиства на жени на кои им претходело пријавувано насилство на кое не се постапувало соодветно и да им порачате да пријавуваме и да не ги повлекуваме пријавите?
Освен насилството, кое очекувано по трагедијата во Карпош беше во фокусот на овогодинешниот осмомартовски марш, жените се осврнаа и на економската состојба. Побараа поголема заштита, но и права за жените земјоделки.
- Бирократијата и стравот од отпуштање ги брише жените од работните места уште пред да отидат на породилно отсуство. А, ако стигнат до таму фондот задоцнува со исплата, а уште потешко е за земјоделките. Вкупно 14.733 се регистрани како земјоделки во оваа земја, но се невидливи за државата кога треба да им обезбеди породилно отсуство или здравствено осигурување.
По говорите во паркот Жена-Борец, продолжија покрај Собранието, па покрај Владата.
Маршот заврши пред украдената биста на Вера Јоциќ покрај кејот на Вардар, позади Владата каде положија цвеќе.
И додека жените маршираа против насилството, Министерството за внатрешни извести дека само вчера и денеска само во Скопје имало пет случаи на насилство врз жени. Тројца насилници се приведени, а двајца се повикани на информативен разговор за напад и агресивно однесување кон нивните сопруги, партнерки, ќерки и снаи.
-
Даниел Василев
Сите содржини од овој новинар
