Македонија
28. October 2026 - 16:47

Подобра инфраструктура и решение за превозниците бараат германските компании кои работат кај нас

Инфраструктурата и ограничениот престој во шенген земјите се најголемиот проблем за германските компании кои работат во земјава. Од вкупниот извоз од земјава, речиси 40 % завршува на германскиот пазар. Затоа клучна им е навремената испорака на произведената стока, а правилото 90/180 на домашните превозници им го отежнува работењето и им ги зголемува трошоците.

-Компаниите кои се дел од европските синџири на снабдување, навремената испорака, сигурните трошоци за транспорт и предвидливите логистички трошоци се од суштинско значење, изјави Антје Ванелд, директорка на Германско-македонската комора.

Сите напори за отстапување од правилото за влез и излез во шенген земјите, досега не вродија со плод. Брисел не отстапува, па затоа решението министерот за транспорт го гледа во склучување билатерални договори со Германија. Побара од компаниите, ако можат да помогнат и да лобираат.

Германските компании кои работат овде побараа и пристапни патишта до производствените капацитети, јавен превоз до фабриките, поставување полначи за електричните автомобили, како и воведување вињетки.

-Нашата компанија е лоцирана во ОХИС. Сега од едната страна го затворија булеварот и нашите камиони мора да кружат низ центар, што дневно ни ги зголемува трошоците за 5.000 денари само за гориво. Нема јавен превоз, нема како да стигнат нашите вработени до фабриката, ако не им организираме ние.

Министерот Николски им вети дека ќе забрза изградбата на инфраструктурата, но воведувањето вињетки, според неговото истражување, не е економски исплатливо, затоа што ќе ја поскапи регистрацијата за сите граѓани. Анализите покажале дека 70 % од граѓаните воопшто не го напуштаат, односно не патуваат надвор од местото на живеење.