Нема дебата за снимката на Џафери во Комисијата за мандатно имунитетни
Првиот меѓу еднаквите, Талат Џафери нема да одговара за аудиоснимката каде упатуваше навреди кон собраниските службеници. За околу две и пол минути заврши денешната седница на Комисијата за деловнички и мандатно имунитетни прашања, каде требаше да се расправа дали собранискиот спикер го прекршил Етичкиот кодекс, но со четири гласа „за” и пет гласа „против”, дневниот ред не беше изгласан и седницата беше заклучена.
По ироничниот аплауз од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ откако воопшто не се расправаше за однесувањето на Џафери, од најголемата опозициска партија велат- ова што се случува во Законодавниот дом е модерен тероризам, а вака не треба да изгледа демократијата.
Од матичната партија на Џафери пак, тврдат дека се работи се халуцинации дека бил прекршен етичкиот кодекс. Со украсни епитети го бранеа собранискиот спикер- Талат Џафери е најдобриот претседател досега во Собранието, велат од ДУИ.
По аудио снимката, пратениците од ВМРО-ДПМНЕ се пожалија дека Џафери ги заклучил во Собраниска сала, по што поднесоа и интерпелација за него, но оттаму велат дека се сигурни дека интерпелацијата нема да се најде на седница. Од ДУИ пак велат рокот не е поминат, има се уште време Џафери да одговори на прашањата за интерпелацијата.
-
Тамара Дичоска
Сите содржини од овој новинар
