Македонија
2. March 2024 - 16:56

Нема комунални инспектори

Комунални проблеми многу, а инспектори малку или воопшто ги нема. Со недостаток на комунални инспектори се соочуваат пред се помалите општини, каде скоро секојднвено никнат нови диви депонии, на кои се одлага градежен и мешовит комунален отпад од домаќинствата, но и од страна на жителите на блиските урбани центри.

- Проблемите се секојдневни, има многу работа, многу затегнати ситуации, луѓето мислат дека може било каде да се одлага отпад. На наша територија е преминот кон излетничкото место Суви лаки и тука знаат луѓето пред одење на излет да си го истурат ѓубрето каде што не треба, изјави Борче Минов, комунален инспектор во општина Босилово.

Сликата не е различна ниту во градовите, каде отпадот најчесто наместо во контејнерите, се одлага до нив, што ја отежнува работата и на комуналните претпријатија.

- Тоа е пред се, резултат на несоодветно постапување од страна на граѓаните, несоодветно користење на инфраструктурата која ја има на располагање, изјави Љупчо Ташевски, комунален инспектор во општина Струмица.

Казнената политика е заострена, но засега нема видлив резултат.

- Глобите за сторен прекршок за физички лица е 40 евра во денарска против вредност, а за правни лица од 1000 до 1500 евра во денарска против вредност и 300 евра за одговорното лице во правното лице- изјави Борче Везенков, комунален инспектор во општина Штип.

За решавање на горливите проблеми, комуналните инспектори разговараа на годишното собрание што се одржа во Штип.