Нема привремено решение за камионџиите, правилото 90/180 останува да важи
Нема преодно решение за камионџиите. Онлјан состанокот на работната група завршил без договор. Чаре ќе се бара на идните преговори меѓу претставниците од Западен Балкан и Европската комисија. Додека се чека одлуката на Брисел, камионџиите кои го надминуваат лимитот од 90 дена и натаму се соочуваат со црн печат и забрана за влез во Европската унија. Дел од регионалните превозници најавија дека ако на овој состанок не се најде решение, пак ќе има блокади на граничните премини.
Новиот електронски систем за влез и излез од Шенген зоната бил тема и на денешната средба меѓу министерот за надворешни работи Муцунски и европскиот комесар, Магнус Брунер.
- Министерот Муцунски укажа на практичните импликации од неговата примена, особено во однос на професионалните возачи и транспортниот сектор, кои се соочуваат со конкретни оперативни и финансиски предизвици. Во таа насока, тој ја нагласи важноста од продолжување на напорите за изнаоѓање практични и навремени решенија преку конструктивен дијалог со Европската комисија и земјите членки – велат од МНР.
Вчера 17 амбасадори на европски земји разговарале со министерот за транспорт на Босна и Херцеговина. Амбасадорите рекле дека ако дојде до промена на правилото за максимален престој од 90 дена во период од 180 дена, можно е тоа да се користи за нелегална миграција.
- Подобро е да се чуе вистината отколку она што многу превозници го слушнаа кога ја прекинаа блокадата и им беше ветено брзо решение кое никогаш не дојде од никој од нас. Нема брзи решенија. Тоа е вистината и треба да се чуе - изјави министерот за комуникации и транспорт на БиХ, Един Форто.
Кон крајот на јануари транспортерите од Македонија, Србија, Босна и Херцеговина и Црна Гора четири дена ги блокираа граничните премини, а протестите завршија откако Европската комисија презентираше нова визна стратегија со која се остава просор камионџиите да бидат изземени од електронскиот систем.
-
Мартин Арсов
Сите содржини од овој новинар
