Македонија
9. July 2021 - 16:41

Нема затворање и построги мерки - властите ставаат акцент на вакцинацијата

Ситуацијата со коронавирусот е стабилна и нема потреба од рестриктивни мерки, ниту ограничувања за влез во државата. Според министерот за здравство сега фокус треба да се стави на вакцинацијата, а не да живееме затворени. Опозицијата и денеска побара од Власта да се имплементираат 15- те мерки кои ги тие ги предложија за да се спречи ширење на делта сојот во земјава меѓу кои забрзување на процесот за вакцинација, зголемување на контролата на границите, достапност до тестови за целото население....Филипче им одговори дека само собирале политички поени, поголемиот дел од нивните предлози веќе биле имплементирани.

-Филипче може секој ден да повторува дека направил се, ама фактите го дематираат. Да го организираше здравствениот систем немаше Македонија да биде на високото 5-то место на светската листа на починати на милион жители, немаше да има вакцинирано само 10 проценти од населението во Македонија.
Филипче само лаже, изјави д-р Оливер Зафировски, член на Комисијата за здравство на ВМРО ДПМНЕ.

- Мислам дека е обид да се добие плус политички поен. Таму нема ништо суштински што ние сега го немаме, рече Венко Филипче, министер за здравство.

Здравствените власти најавија дека од  понеделник во Македонија почнува и теренската вакцинација. Филипче најави дека ќе се интензивира кампањата и за целосна имунизација на здравствените работници, бидејќи досега вакцинирани се 70 проценти.

Денеска стигнааа нови 100.000 дози Астра Зенека донација од Грција, кои ќе се користат само за лицата над 60 години, бидејќи досега само 40 отсто од граѓаните на оваа возраст се имунизирани.