Николоски: За три дена Градскиот воз превезе околу 1.500 патници, интересот е голем и очекуваме да надмине бројка од преку 100 илјади патници

Градскиот воз во Скопје за само три дена од стартот превезе околу 1.500 патници, а првичните анализи покажуваат дека интересот кај граѓаните е добар и се очекува бројката во периодот што следи значително да расте, истакна вечерва вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски.
Плановите, како што кажа, предвидуваат проширување на железничкиот сообраќај со уште две линии, со кои повеќе приградски населби ќе бидат поврзани со Новата железничка станица во Скопје.
- Првичните анализи се добри, за три дена имаше некаде околу 1.500 патници. Јас очекувам дека таа бројка ќе расте, дека за многу брзо време ќе надминеме и 100.000 патници. Нашата проценка е дека околу 200.000 жители се опфатени со правата линија од градскиот воз- рече Николоски во гостување на ТВ Сител.
Според него, веќе се работи на проектирањето на уште две траси, кои треба да го прошират опфатот на градскиот воз и да поврзат поголем број населени места со Скопје.
Првата планирана траса, како што прецизира, треба да се движи од Новата железничка станица преку Автокоманда, Маџари, Ченто и Илинден до Агино Село. Втората би го поврзувала северозападниот дел од градот, односно Нова железничка станица преку Бутел, Скопје Север, Волково и Ѓорче Петров до Сарај.
Со реализацијата на овие две линии, додаде, би се создала железничка мрежа која ќе ги поврзе трите делови на градот и приградските населби кои гравитираат кон Скопје со Новата железничка станица.
- Со градскиот воз граѓаните ќе можат да ја избегнат градската гужва и преку точни временски интервали на пристигнување да го планираат своето време. Во моментов ја користиме рутата која што некогаш постоела, да ги вратиме во живот и на тој начин приградските населби да ги добилижиме до центарот. Проектирањето завршува до крајот на месец октомври, после тоа одиме со тендерирање и очекуваме во зависност од временските услови да започне да се работи во декември или јануари. Ако овде успеавме да ја завршиме градбата за 10 месеци, таму оставаме 12 месеци, така што почетокот на 2028 година ќе имаме оперативни уште две линии на градскиот воз, посочи вицепремиерот Николоски.
Одговарајќи на прашањето зошто во актуелната мрежа нема траса до Скопскиот аеродром, Николоски појасни дека до аеродромот во моментов нема пруга, но дека поврзувањето е предвидено во рамки проектот „Брза пруга“.
- До Скопскиот аеродром во моментов нема пруга, но тоа е дел од еден друг проект, а тоа е „Брзата пруга“. Идејата е со 160 километри начас од центарот на Скопје да се патува до аеродромот, што сериозно ќе го скрати времето на патување. Планирано е ова да е првата отсечка која што ќе се изгради во проектот „Брза пруга“, објасни министерот за транспорт, Александар Николоски.
МИА
Ново на Сител
-

28 пожари на отворен простор, 11 се уште активни
-

Тема на денот со Александар Николоски, вицепремиер и министер за транспорт и врски
-

Преглед на вестите од светот
-

30 дневен притвор за возач од СОЗР поради примање мито
-

Пожарите не стивнуваат: Пламените јазици кај месноста Рамно, нов предизвик за скопските пожарникари
-

ВМРО-ДПМНЕ направи споредба на економските политики со претходната власт
-

Се зголемува бројот на семејно насилство, институциите не можат да направат навремена проценка на случаите
-

Портокалово предупредување, висок пожарен ризик
