Николоски: Задоволен сум од динамиката за меѓудржавниот пат од Тетово до Призрен, наскоро и автопат од Букојчани до Кичево

Задоволен сум од досегашната динамика за изградба на меѓудржавниот пат од Тетово до Призрен, а во следна фаза ќе одиме на финансирање, истакна министерот за транспорт и вицепремиер Александар Николоски во одговор на пратеничко прашање поставено од пратеничката Рина Ајдари, во врска со најавената изградба на магистралниот пат од Тетово до Призрен.
На денешната собраниска седница, министерот и заменик претседател на Владата, Николоски, најави изградба на нов автопат кој ќе води од Букојчани до Кичево и ќе се спои со автопатот Охрид-Кичево, проект кој, како што рече Николоски, доби т.н. „no objection“ од Европската банка за обнова и развој.
- Динамиката на меѓудржавниот пат меѓу Тетово и Призрен, еден од споевите меѓу Македонија и Косово, оди добро. Во рамки на Јавното претпријатие за државни патишта формирана е меѓуресорска комисија која што работи на изработка на потребната документација, а ја подготвува Градежниот факултет. Во условно кажано полесниот дел од проектот работата е завршена, иако проектот е доста комплициран. Сега се побарани податоци од Градежниот факултет во однос на прекуграничниот тунел затоа што идејата е со прекуграничен тунел да се спојат двете држави. Побарани се податоци и од Република Косово затоа што тунелот ќе почнува на наша територија, а ќе заврши на територија на Република Косово и по добивањето на податоците, Градежниот факултет ќе почне со проектирање и на тунелското решение. Исто така формиравме меѓудржавна комисија со претставници од двете држави за развој на овој проект. Во комисијата има претставници од Министерството за транспорт, од ЈПДП и од Владата на Република Косово. На мојата последна средба со министерот во Солун, која што беше пред три недели, разговаравме за овој значаен проект и утврдивме заеднички активности. Проектот солидно се развива и треба да се знае дека се работи за исклучително комплициран проект затоа што теренот на двете страни е комплициран. Станува збор за Шар Планина и треба да се очекува дека тоа ќе биде скап проект, посочи министерот и вицепремиер Александар Николоски.
Пред пратениците во македонското Собрание, Николоски потсети дека е потпишан договор за изградба на автопатот Скопје-Блаце, а наскоро ќе биде промовиран и проектот за автопат кој ќе води од Букојчани до Кичево.
- Сакам да кажам дека потпишавме договор за изградба на автопатот Скопје-Блаце, а за многу брзо време јавноста ќе ја информираме за уште еден многу голем проект за што добивме т.н. „no objection“ од Европската банка за обнова и развој, изградба на уште еден автопат, а тоа е автопатот што ќе води од Букојчани до Кичево, односно автопат кој што треба да го спои автопатот Охрид-Кичево со автопатот Букојчани-Гостивар-Тетово. Тоа е една убава вест за граѓаните, нагласи министерот за транспорт и вицепремиер Александар Николоски на денешната седница за пратенички прашања во македонското Собрание.
МИА
Ново на Сител
-

Tема на денот со Злате Мехмедовиќ, директор на Клиника за физикална медицина и рехабилитација
-

Владата го намалува ДДВ-то кај дизелот од 18 на 10%
-

Мицкоски најавува прославите како на 8 Септември да станат пракса, опозицијата бара истрага за парите од Лотарија
-

Промената на времето донесе ризик за влошување на здравјето кај повозрасните и хронично болните
-

Оризот пред најтешка реколта, оризарите бараат итни мерки
-

Почна изградбата на подземна катна гаража и плоштад во Велес
-

Во тек 2 повици на Министерството за економија вредни 7 мил. денари за подобрување на конкурентноста на компаниите
-

СВР Струмица наоѓа трајно решение за импровизираните дрвосечачки машини
