Македонија
1. February 2021 - 12:52

Ниска транспарентност на општините

Транспарентноста на распределбата на средствата кои невладините организации и спортските клубови ги добиваат од општинските буџети е на исклучително ниско ниво. Ова го покажуваат резултатите од истражувањето кое го направила  Организацијата на жени од Струмица спроведено во рамки на проектот ,,Мониторинг на финансирањето на граѓанските организации на локално ниво“.

Со истражувањето биле опфатени  практиките на финансирање на граѓански организации во четири општини  и тоа Валандово, Василево, Петровец и Струмица за периодот четири години. Добиените резултати покажале дека три од вкупно четири општини опфатени со мониторингот не располагаат со пишани процедури и критериуми за евалуација на пристигнатите предлог проекти или програмски активности. 

Две немаат никакви механизми за следење на реализацијата на одобрените проекти и активности и за наменско трошење на доделените средства. Ниту една општина нема политики за спречување на судир на интереси за процесот на доделување на средства. 

Кај три од четири општини биле регистрирани случаи на судир на интереси помеѓу давателите и примателите на средствата, но тоа не никаде било евидентирано во записниците.

Истражувањето е реализирано со финансиска помош од ЕУ преку проектот „Граѓански организации и медиуми против корупцијата - Коалиција за нулта толеранција.