Македонија
23. September 2015 - 17:04

Груевски: Ќе се менува и олеснува концептот на екстерно тестирање

Владата планира подобрување на концептот на екстерното тестирање. Премиерот Никола Груевски одговарајќи на пратеничко прашање ја отвори можноста за корекции на екстерното со цел добивање на квалитет и остварување на целта. Еден од предлозите е наместо еднаш годишно да се полага 2 или 4 пати. Да се воведат проблемски прашања за да се види дали ученикот ја разбира суштината на материјата.

- Се дебатира доколку ученикот биде оценет со 1 дали да преполага или ако не е задоволен со оцена да преполага.  Се размислува да се подобри формулата за пресметка на просек на ученик. Да се провери дали има прашања чиј одговор нема во некои учебници и да се изготват прашања од само еден од одобрените учебници.  

Според Премиерот се разлислува да се ангажираат само надворешни лица за набљудувачи, а не наставниците заради зголемување на објективноста, а проговорите да се разгледуваат комисиски. Пред да се донесат решенијата за идеите ќе има поширока јавна дебата со сите заинтересирани страни, па потоа ќе се вратат во Владата на повторно разгледување.

Груевски во собранието ја образложи и потребата за екстерното тестирање. На овој начин ќе се избегне проблемот со кој се соочуваат нереално оценетите ученици кога  ќе излезат на пазарот на труд. Премиерот истакна дека давањето високи и нереални оценки датира од времето на транзицијата кога се изгубени многу вредности и критериуми. 

- Имавме цели класови со сите 5ки и сите знаеа дека оцените не се реални, туку се сменети критериумите. Тоа не е добро ни за државата ни за децата. Без доволно знаење децата ќе имаат проблем во кариера. Знаењето е двигател на општеството. Учениците беа изложени на ситуација да стекнат лоши навики дека без труд и напор можат да дојдат до нешто што го посакуваат, а не го заслужуваат. Сето тоа траеше со години и никој не превземаше мерки тоа да се отстрани. Почна да се рефлектира и на повисоко образование. Штом дојдовме на власт почнавме со изнаоѓање на начини како да се помине низ ова. Родителите различно реагираа, некои не беа среќни што децата поминуваат на образование со ниски квалитети. Група родители одат на линија на помал отпор и сакаат нивното дете да е среќно на краток рок, без да размислуваат дека се добива диплома без знаење. Затоа е екстерното, додаде Груевски.

Целта на екстерното тестирање според Премиерот е да се поттикнат учениците повеќе да учат, а наставниците да даваат реални оцени и Ако се под притисок за ургенции, да кажат дека имаат екстерно тестирање и не може да се стават нереална оцена.