Бизнис
5. October 2018 - 20:00

На домашните работнички да им се исплаќа здравствено и пензиско

Домашните работници не се доволно заштитени според Законот за безбедност и здравје при работа и нивната работа не е доволно прецизирана во Законот за работни односи. Околу 20.000 домашни работници не се евидентирани во системот, а сето тоа влегува во делот на сивата економија. Овие податоци денеска ги презентираа на прес конференцијата од здружението „Достоинствен работник“ од Прилеп, по повод Меѓународниот ден за достоинствена работа 7 октомври.

„Законот за работни односи оваа година има измени и дополнувања, но сепак и во тие измени, видовме дека дел од домашните работници не се ставени и регулирани со овој закон. Така да Министерството за труд и социјална политика и Државниот инспекторат за труд, мора под итно, овој закон додека не е пуштен во собраниска процедура, да се измени и дополни за да и другите работници бидат дел од системот“,истакна Рубин Аризанкоски, секретар на здружението „Достоинствен работник“ од Прилеп.

Најголем број од работниците кои што извршуваат домашна работа се бебиситери, земјоделски работници, негуватели на стари лица и слично. Здружението „Достоинствен работник“ од Прилеп и „Гласен текстилец“ од Штип бараат применување на европската регулатива, односно заинтересираните семејства да доаѓаат до овие лица преку агенциите за привремени вработувања, каде истите ќе бидат регистрирани и на овие работници ќе им се подмирува пензиско и здравствено осигурување.