Македонија
23. December 2018 - 17:42

Хуманитарен маратон од Струмица до Гевгелија

Околу триесетина спортисти, атлетичари и велосипедисти трчаа и возеа за поддршка на лицата заболени од пулмонална хипертензија. За луѓето кои боледуваат од оваа ретка болест и секојдневно се борат за трошка здив спортистите поминаа делница долга 50 километри. Стартуваа од Струмица, преку Валандово и Богданци со крајна цел Гевгелија. Цел на трката е подигање на свеста за оваа болест и можност преку спортистите и овие луѓе да станат видливи. Иницијативата ја покрена  ултра маратонецот Николчо Ѓоргиев кој работи  и живее во Швајцарија, а кој во родната Струмица допатува специјално за оваа трка.

,, На луѓето кои се болни од оваа болест да им дадеме поддршка, морал. Сите владини организации да преземат некои обврски спрема тие луѓе, да бидат хумани и тие како нас спортистите, хумани на секој дел.,, рече НИКОЛЧО ЃОРГИЕВ - СПОРТИСТ

Хуманитарното трчање е во организација на велосипедскиот клуб „Актив“ од Струмица заедно со здружението на пациенти со пулмонална хипертензија „Момент плус“ од Гевгелија и поддршка на маратонката Валентина Узунова.

,, Со овој маратон сакаме да ги поддржиме во нивната борба за да успеат во борбата за лекови што им е потребно.,, рече КИРЕ ТАСЕВ – ВК АКТИВ СТРУМИЦА

Во моментов во Македонија нема регистар на заболени од пулмонална хипертензија. Од здружението Момент плус велат тие имаат евиденција за 15 лица,  но претпоставуваат дека бројката е поголема. Еден од главните проблеми со кои се соочуваат е скапата терапија. За дел од пациентите ја има на позитивната листа, а за некои не.  Очекуваат министерството да го реши овој проблем. Од ресорниот министер добиле ветување  дека наскоро терапија ќе има за сите пациенти независно дали болеста е примарна или резултат на друго заболување.