Македонија
2. March 2019 - 19:42

Струмица во подготовка за Струмичкиот карневал

Струмица почна да одбројува до почетокот на новото карневалско издание, а а карневалџиите неуморно работат на новите креации. На неколку дена пред официјалниот старт на осум дневните свечености  градот полека го облекува карневалското руво, а скоро секој слободен простор е претворен во карневалска работилница. Маски  подготвуваат  индивидуални учесници, граѓанските здруженија и карневалски групи , па се до улиштата. Едно од нив е и СОУ Никола Карев. Тие  подготовките ги започнале уште во ноември.  Најавуваат дека и оваа година ќе бидат една од најмасовните групи со над 100 учесници.

,, Маската се изработува комплетно во нашето училиште. Вклучени се сите профили, не само текстилниот смер. Работат и машинци и сообраќајци и дрво, сите деца се вклучени. Маската ја изработуваме од сировини, наоѓаме од пријатели, од спонзори, и ги адаптираме на потребите на маската.,, вели КАТЕРИНА ПАЛИФРОВА – ПОМОШНИК ДИРЕКТОР ВО СОУ НИКОЛА КАРЕВ СТРУМИЦА

Во реализацијата на маската се вклучени  скоро сите од училиштето, од директор, преку професори до ученици. Годинава посебен придонес во изработката на маската даваат и средношколците кои се вклучени во инклузивниот процес.Се работи темелно и прецизно на неколку локации . Едни  кројат и шијат, други коваат и заваруваат, а на крај сите заедно работат на кореографијата. Учениците велат  целиот овој процес е посебен, а  покрај дружењето и  тимската работа за нив многу бил важен практичниот дел.

,, Многу е забавно да работиме во маската за карневалот. Јас сум ученик од четврта година во СОУ Никола Карев Струмица , дизајн за облека. Ние ја креираме и дизајнираме, а потоа ја обработуваме, изработуваме маската.,, вели БОЈАНА АТАНАСОВА – УЧЕНИК ВО СОУ НИКОЛА КАРЕВ - СТРУМИЦА

,, Учествувам втора година. Работата не е тешка, лесно е и добро е да се биде дел од карневалот, се држиме, имаме другари.,, вели СТАНИША БЈАДОВ УЧЕНИК ВО СОУ НИКОЛА КАРЕВ - СТРУМИЦА

За изработката на новата маска учениците од Никола Карев годинава ќе потрошат повеќе од 500 метри текстил, над 10 табли сунѓер, стотици ситни делови, но и голем број рециклиран материјал со кој праќаат и една друга порака, да се чува животната средина. Нивниот труд ќе биде презентиран на 9 март на главната карневалска вечер за кога се најавени над 2000 учесници од земјата и странство. Годинава карневалските свечености во Струмица ќе траат осум дена. Започнуваат на 6, а завршуваат на 13 март.