Македонија
9. May 2019 - 19:28

Медицинските сестри си заминуваат во странство

Продолжува одливот на медицински сестри од јавното здравство. Само годинава клиниките и болниците ги напуштиле 100-тина кои заминале во странство или во приватни установи за поголеми плати и соодветно вреднување на образованието. Според информациите на Унијата меѓу нив не се само млади туку и средно медицински кадар со долгогодишно искуство и дефицитарен кадар како што се инструментарките и анестезиолошките сестри.

-Загрижува што веќе обучени сестри инструментарки и анестезиолошки сестри си заминуваат од клиниките и болниците. Поради недостиг се одложуваат и операции, а за да се обучи нов кадар за ваква специјалност потребни се шест месеци, изјави Гордана Бешлиовска, претседател на здружението ЗА Нас и Унијата на ЗМСТАС.

Од Унијата единствен начин за запирање на одливот на медицински сестри гледаат во најавените измени на законот за здравствена заштита во кој очекуваат да биде регулирана нивната дејност според образованието и регулирање на работните обврски.

-Имаме работна група влклучена во тој закон и се надеваме дека конечно ќе добиеме и ние закон кој ќе не штити, додаде Бешлиовска.

Во меѓувреме педесетина сестри од кај концесионерите кои останале без работа и покрај ветувањето на здравствените власти сеуште чекаат да бидат вратени во јавното здравство.