Предлогот на ВМРО-ДПМНЕ спорен за власта, може ли воено лице да го води МВР?
Драган Ковачки, одликуван полковик во АРМ со долгогодишна кариера во безбедносните структури да биде министер за внатрешни работи. Ове е понудата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски до премиерот и лидер на СДСМ Зоран Заев како дел од консултациите за техничката влада. Мицкоски вели дека дал квалитетен кадар. За Заев, пак, самиот Ковачки не е спорен, но за него постои формално-правна дилема дали униформирано лице може да биде на чело на МВР.
Консултатциите за прв човек во МВР продолжуваат и наредните денови, но и Мицкоски и Заев се отпимисти дека договор ќе има. Ковачки пак, претходно ја доби поддршката од вториот партнер во Владата - лидерот на ДУИ Али АХмети.
Имињата на остантите кандидати на ВМРО-ДПМНЕ во техничката влада – министер за труд и социјална политика и тројцата дополнителни заменик министри во финасии, информатичко општество и земјоделие ќе се знаат в понеделник. Иако не е законска обврска, Мицкоски најави консултации со Заев и за нив.
Останатите кадровски промени од страната на СДСМ, пак, веќе се познати. За технички премиер е предложен министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски. Тој вели е подготвен за овој предизвик.
Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска, пак, е предлогот на СДСМ за вицепремиер за економски прашања на местото на Кочо Анѓушев. За дополнителни заменици во внатрешни работи и во социјала се предлагаат Славјанка Петровска и Санела Шкријељ.
Техничката влада треба да се избере на 3 јануари, додека пак, изборите да се одржат на 12 април. Согласно лидерската средба овие избори ќе се одржат според постојниот изборен модел, додека за измените во изборниот законик за една изборна единица и отворени листи лидерите би разговарале по изборите.
-
Катерина Нешкова
Сите содржини од овој новинар
