Македонија
2. January 2020 - 19:16

ВМРО-ДПМНЕ ќе предложи ново име за технички министер за внатрешни работи

Познат составот на техничката влада што теба да ги организира изборите на 12 април. ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ постигнаа согласност технички министер за внатрешни работи да биде поранешниот директор на Агенцијата за разузнавање од 2013 до 2017 година -  Наќе Чулев. Чулев доаѓа како предлог на опозициската партија во последен момент откако пропадна првиот нејзин предлог.

„Наќе Чулев е долгогодишен професионалец и одличен познавач на безбедносните прашања и ново лице во политиката. Работи во Директоратот за разузнавање на меѓународен тероризам и организиран криминал во Агенцијата за разузнавање. Чулев е и редовен предавач на Дипломатската академија на МНР“,објавија од опозициската партија.

Од власта прифатија.

Со овој предлог на ВМРО ДПМНЕ не се крши Уставот, не станува збор за воено или униформирано лице, и не е под обвинение. Со тоа се исполнети условите предлогот да оди на гласање во Собранието заедно со целата преодна Влада која треба да ги спроведе изборите на 12 април, одговорија од власта.

Останатите имиња од техничката влада се познати. Технички премиер од редовите на СДСМ ќе биде Спасовски, министерката Царовска е предложена за вицепремиер за економски прашања како наследник на Кочо Анѓушев. За министер за труд и социјална политика од редовите на ВМРО-ДПМНЕ пак, е предложена Рашела Мизрахи. За доплнителен заменик во внатрешни работи е предложена Славјанка Петровска, додека пак, во труд и социјална политика Санела Шкријељ.

За дополнителен заменик-министер за администрација е предложена пратеничката Невенка Стаменковска, во земјоделие – Цветан Трипуновски, додека пак, за финансии – Гордана Димитриеска.

Параламентот утре најпрво ќе треба да ја констатира оставката на Зоран Заев.
Претседателот Стево Пендаровски пак, ќе треба веднаш да го додели мандатот за состав на техничката влада на Спасовски. Техничката влада се гласа од парламентот со 61 глас. Според законските рокови, Собранието ќе треба да се распушти до 10 февруари, а на 12 април да се одржат и договорените избори.