Македонија
14. јуни 2020 - 17:29

ВМРО-ДПМНЕ бара јасен протокол за гласање и мисија на ОБСЕ, се ова може да се заврши до средина на јули

Избори на 5 и 8 јули не се прифатливи за ВМРО-ДПМНЕ. Лидерот на опозициската партија го одби вчерашниот предлогот на лидерот на СДСМ Зоран Заев за изборно соочување на 8 јули. ВМРО-ДПМНЕ предлага избори на средината на јули и тоа само со исполнети два услови: строги здравствени проколи за изборите и целосно воспоставена мисија на ОБСЕ/ОДИХР како гарант дека изборите ќе бидат фер и демократиски.

Побара од шефот на државата Пендаровски до вечер да воспостави нова вонредна состојба за да се исполнат овие услови.

Заев има време да одговори на овој предлог на Мицкоски до денеска на полноќ. Ако нема одговор Централниот комитет на партијата утре ќе одлучува за понатамошните чекори.

Мицкоски прифаќа дури и мисијата на ОБСЕ/ОДИХР да биде во форма на оценувачка, а не набљудувачка мисија, но таа целосно да биде воспоставена пред кампањата, а тоа според него е најрано на 21 јуни според огласот што сега е распишан.

Дополнително, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ вели дека здравјето на граѓаните не смее во никој случај да биде загорзено. Предлага сите лица во изолација, потоа ризичните групи граѓани кои седат дома, како и лицата над 65 годишна возраст да гласаат ден до два претходно од изборниот ден.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ вели дека најлесно било да се одложат изборите на неколку месеци, но дека во тој период ќе продолжела како што рече, кражбата од раководството на СДСМ, како и распродажбата на се што е македонско, а корона кризата уште повеќе ќе се продлабочи.